Ќе се врати ли машината за пишување?
Ермано Маркорати моментално поправа машина за пишување Андервуд од 1930 година, која припаѓа на оскаровецот Том Хенкс, додека десетици други машини го чекаат неговиот волшебен допир.
И додека модерниот свет манијакално чука пораки, меилови, статуси, овој Италијанец во своето студио на Беверли Хилс забележува нов тренд – враќање на уметноста на бавното пишување.
Маркорати реставрирал машини за пишување кои припаѓале на Флеминг, Тенеси Вилијамс, Џек Лондон, Ернест Хемингвеј, Орсон Велс, но и на ѕвезди како Џули Ендрјуз, Грета Гарбо и Џон Ленон.
Тој гордо покажува фотографии од некои од своите најдобри трудови, вклучувајќи ја и портокаловата машина Андервуд од 1926 година, на која Орсон Велс напишал Граѓанинот Кејн, и која целосно била уништена кога му била донесена на поправка.
- За мене, машината за пишување е подобра од компјутерот. Не поради тоа што сум старомоден, туку поради тоа што ве успорува. Мора внимателно да ги бирате зборовите бидејќи не можете да ги поправите – рече тој. – Треба многу време за да се притисне една буква.
Колекционерот Стив Собороф вели дека машините за пишување, за разлика од компјутерите, имаат интимна врска со сопствениците.
- Едноставно ми се допаѓа идејата дека писатели, познати личности, поминувале часови пред овие машини и поради тоа тие се многу персонални. Постои само една за секого, а не стотици – рече Собороф, кој е главен муштерија на Маркорати чие студио е преполно со стари машини за пишување, дигитрони и стари преси за печатење.
Хенкс повремено на Твитер поставува фотографии од стари машини кои Маркорати ги поправил. Самиот Маркорати има полица посветена на своите најпознати клиенти и моментално има 12 машини кои припаѓаат на ѕвездата на филмот Форест Гамп.
Италијанецот има 60 машини кои чекаат на поправка, голем број во споредба со состојбата пред неколку години. – Букиран сум шест месеци однапред – вели овој 68 годишен човек кој со поправки на машини за пишување почнал да се бави во 2003 година.
- Колекционерите се исклучок. Многу луѓе на кои им ги поправам машините се истите тие кои ќе ги користат – рече Маркорати кој во 1945 година е роден во Италија, а се преселил во Лос Анџелес во 1969 година.
- Мислам дека на луѓето им се смачија Ајфоните и електронските уреди и сакаат да се вратат на основите – додаде тој.
Очигледно е прашањето зошто некој во 21 век би сакал да пишува на тешка направа која е комплицирана за користење и на која не може да се префрлуваат, бришат или копираат делови од текст.
Маркорати вели дека предноста на компјутерите е преценета. – Пишувањето на компјутер го одвлекува вниманието. Додека пишувате ви стигнуваат меилови, потоа зборовите ги пишувате, па ги бришете, менувате и на крај се наоѓате во ќорсокак – смета тој.
Неговиот став го дели и Кристофер Локет кој редовно ја изнесува својата машина за пишување Хермес Бејби од 1950 година, во Грифит парк во Лос Анџелес, за да може да пишува на отворено.
- Нема прозорчиња да ви се појавуваат, нема музика која можете да ја пуштате. Го исклучувам својот Ајфон, ја земам машината, седнувам и не се плашам за грешките во буквите туку едноставно одам напред, чук, чук, чук, динг! – вели тој.
Користењето на машината за пишување тој ја спореди со возење на велосипед. - Тоа е алтернатива на најефикасен начин на правење на нешто, се е во уживањето во возењето и никој не се лути кога ќе се спомне велосипед, но машините за пишување не се практични. Па и велосипедот исто така не е практичен, но луѓето се уште го возат – рече Локет.
Локет, кој е камерман и автор на документарец, минатата година снимил филм на таа тема The Typewriter in the 21st Century (Машината за пишување во 21 век) кој моментално се прикажува во кината во Лос Анџелес.
- Помислив, ако машината си замине, а беше дел од секој голем роман во 20 век, тогаш треба да ја испратиме како што треба – рече тој.
Кога почнал да истражува за филмот, бил изненаден кога открил дека машините за пишување не само што не исчезнале, туку се повеќе се бараат и се поправаат.
- Одеднаш машините за пишување се појавија секаде на интернет – рече тој.
Уметникот Тим Џуд овој месец подготвува претстава во Њујорк каде ќе пишува роман на Хенри Милер на истата машина која ја користел писателот.
Сликарката Луис Марлер минатата година организирала настан за машината за пишување на Венис бич, додека младиот пронаоѓач Џек Зилкин смислил направа која овозможува поврзување на машина за пишување со Ајпед со помош на УСБ.
Локет смета дека бранот на интересирање за машините за пишување не треба погрешно да се сфати како желба да се вратиме во минатото и да ја напуштиме модерната технологија.
- Никој во филмот не рече дека тоа е единствен начин да се работи. Сите само укажуваат на нешто што се отфрлува – рече тој.
