Економија, финансии, бизнис

Контакт

Ќе се увезуваат работници, ама ќе мора да им се дадат и високи плати

Ќе се увезуваат работници, ама ќе мора да им се дадат и високи плати

Ќе дојде ли ред земјава да увезува работници затоа што фирмите не можат да ги најдат на пазарот на труд потребниот кадар? Бизнисмени, експерти и членови на Владата на панел дискусија на тема „Стручен кадар по мерка на бизнисот“ во Стопанската комора вчера во обид да најдат решение за горливиот проблем. За стопанствениците и за образовните институции се испрати порака самите да најдат најповолно решение, а не да чекаат Владата да го прави тоа преку субвенции и закони. 

Владата, пак, ако веќе мора да се увезува квалификуван кадар, треба да овозможи тоа да се случи преку дерегулација, бара бизнисот. Но тогаш и работодавачите ќе треба да дадат високи плати, за да ги привлечат работниците.

Според претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, решението е кај бизнисмените.

„Да ја оставиме Владата настрана од овој проблем, зашто досега немала стратегија кон ова прашање, ниту пак некој го прашал бизнисот кога се отвораа 197 факултети и над 135 средни училишта. Да го решаваме самите ова прашање. Не очекувајте многу од наставници кои се борат со егзистенцијални проблеми да ги насочуваат правилно учениците. Треба сами да финансирате паралелки какви што ви се потребни“, нагласи Азески.

Но дали бизнисмените се доволно заинтересирани да најдат солуција?

„Иако не се задоволни од кадарот што го добиваат од факултетите, работодавачите не се заинтересирани да учествуваат во креирањето на програмите на факултетите“, смета професорката Никица Мојсовска-Блажевски.

Според неа, тоа се гледа и од анализа која покажала дека 35 отсто од работодавачите сметаат дека кандидатите со високо образование немаат додадена вредност во вештините и стручноста во однос на средното образование.

Наташа Јаневска, државен советник во Министерството за образование смета дека треба да се најдат начини како да се мотивираат учениците да се запишуваат во средните стручни училишта и на факултетите од кои се бара кадар. 

„Имаме 58 отсто запишани во стручно образование, а останатите ученици одат во гимназиите и уметничките училишта. Единствена можност гледаме во дуалното образование. Треба да имаме и мотивиран и квалитетен образовен кадар, но и посветени компании кои ќе ги привлекуваат учениците за да ги развиваат стручните вештини. Нашата визија е 70 ученици запишани во стручно образование, а 30 во гимназиското и уметничкото“, потенцира Јаневска.

Ирена Јакимовска, од „Комфи Ангел“ смета дека работодавачите кои вложиле капитал во своите фирми, мора да вложуваат и во човечкиот фактор.

„Како дозволивме да инвестираме во нешто, а потоа да не сме заинтересирани да добиеме поврат на таа инвестиција и да дозволуваме кадарот во кој вложувавме да си оди од државава“, се прашува Јакимовска.

Само 12 од 100 дипломирани студенти во државата нашле работа соодветна на образованието, покажуваат истражувањата.


Слично

Поврзани вести