Економија, финансии, бизнис

Контакт

Ќе се спасува „Македонска пошта“ со вработување на нови поштари

Ќе се спасува „Македонска пошта“ со вработување на нови поштари

Директорот на АД „Пошта“, Орхан Куртиши, тврди дека состојбата во компанијата се стабилизира, нагласувајќи дека во изминатите две години платите доцнеле само еднаш.

-Во двете години откако сум директор, платата доцнела само еден месец и тоа во законскиот рок. Доцневме само еден ден – на 16-ти им ги исплативме платите. Се стабилизираме – изјави вчера  Куртиши.

Поштата вчера доби 100 нови возила, инвестиција вредна околу два милиони евра, но и понатаму се соочува со сериозни предизвици. Просечната возраст на вработените е 55 години, а во минатото недостигот на возила и поштари довел до тоа околу 600 илјади пратки да останат во магацините.

Според раководството, лошите услови за работа придонеле минатата година компанијата да заврши со загуба од околу 5 милиони евра.

Куртиши најави нови вработувања во техничкиот дел.

-Во 2025 година вработивме, а оваа година планираме уште 120 нови вработувања – во делот на дистрибуција, возачи и технички персонал. Направивме скенирање на состојбата и дел од проблемите веќе ги решивме – рече тој.

Министерот за транспорт, Александар Николоски, оцени дека Поштата била запоставена од претходната власт, но најави дека институцијата ќе се развива како државен ресурс.

-Над 75% од финансискиот промет во државата го прави Поштата, но приходите не го следат тоа. Либерализацијата создаде монопол кај приватните пошти, кои ги преземаат најпрофитабилните услуги – изјави Николоски.

Ревизорски извештаи покажуваат дека АД „Пошта“ со години бележи загуби и се наоѓа во неповолна финансиска состојба. Од 2017 година наваму, компанијата работи со оперативни загуби, а најголемата е регистрирана во 2022 година – над 3,7 милиони евра.

Дополнително, ефикасноста на доставата останува проблематична. Само 59,7% од пратките се доставени навреме, што е под стандардите на Универзалната поштенска унија.

Новиот менаџмент очекува дека со модернизација, нови вработувања и рационализација на трошоците ќе се подобри ефикасноста и ќе се стабилизира финансиската состојба на компанијата.


Слично

Поврзани вести