Ќе се развива туризмот во националните паркови
Развој на нови туристички капацитети и подобрување на инфраструктурата во трите национални паркови „Пелистер“, „Маврово“ и „Галичица“ договори синоќа владиниот Комитет за туризам, со кој претседаваше премиерот Никола Груевски.
За Галичица било дискутирано за можностите за унапредување на условите за летен и зимски туризам, планираните инвестиции во туристичката инфраструктура на овој потег, и за создавање на туристичка содржина која ќе ги обединува потенцијалите на охридското и преспанското подрачје.
Во акцискиот план за Маврово се анализираат можностите за поголем број нови локации за туристички сместувачки локалитети и капацитети од класичен и алтернативен тип, можностите за инвестиции во хотели и мотели, како и за предвидување на нови содржини и туристичка понуда кои би обезбедиле развој на детскиот туризам, медицинскиот туризам, спортскиот туризам и туризмот за повозрасна категорија на граѓани.
За Пелистер се планира подобрување на инфраструктурата од интерес за туризмот во овој парк, но и модернизација на туристичката понуда преку изградба на нови основни и помошни објекти.
Како што информираат од Владата, Комитетот за туризам го разгледал и извештајот за состојбата на автокамповите на крајбрежјето на Охридското Езеро, изработен од стручна работна група која ја скенирала состојбата на секој автокамп поединечно и можностите за нивен развој.
Притоа, од страна на стручната група во која партиципираат и странски експерти со меѓународно искуство во извештајот се содржат и препораки и правци за развој на секој од камповите во насока на обезбедување на полна стандардизација, но и на можности за предвидување на нови содржини кои ќе обезбедат подобра туристичка понуда.
Исто така, во извештајот се содржат и препораки за специјализирање на одредени кампови за специфичен вид туризам, со конкретни предлози за инфраструктурно уредување, воспоставување на нови содржини во нив и промоција на новите можности.
Слично
