Ќе се подобрува генетскиот потенцијал на овците и ќе се зголемува продукцијата на јагне со овци од расата асаф
Македонија е одлучна во намерата да го подобри генетскиот потенцијал на овците. За таа цел, вкупно 279 грла високомлечни овци од расата асаф се увезени минатата недела од Шпанија. Во светиниколското село Ерџелија, директорот на Агенцијата за храна Дејан Рунтевски, денеска ќе ја промовира првата демонстративна фарма за високомлечни овци.
Тие се здравствено заштитени и превентивно третирани. Согласно законските прописи, ставени се во карантин каде што ќе останат еден месец. Одгледувањето ќе биде шталско за што се прави посебен систем за автоматско измолзување.
Се очекува високомлечните овци за неколку години да го подобрат генетскиот потенцијал, а со тоа и сегашниот, во споредба со оваа раса симболичен годишен просек на млеко по грло овца од околу осумдесеттина литри. Ќе се зголеми и продукцијата на јагне која сега изнесува 1,2 отсто.
Како што информира Агенцијата за храна и ветеринарство, повикувајќи се на експерти, асаф овците кои првпат се внесуваат во земјава, засега добро се адаптираат на климатските услови. Регионот Наваро од каде што потекнуваат, има слични климатски услови со македонските, а се работи и за раса со многу добри адаптивни способности за полуекстензивно одгледување.
Асаф расата е добиена со вкрстување на овците аваси и источно-фризиската млечна раса што се покажа како најдобра комбинација по неколкудецениските испитувања извршени во 1955 година од Израелската земјоделска организација (А.Р.О) првенствено заради подобрување на плодноста на аваси расата. Иако станува збор за високо млечна раса овци, голем број високоразвиени сточарски земји ја имаат прифатено асаф и поради добрите одлики како месна раса.
Слично
