ЌЕ СЕ ОТПИШАТ КАМАТИТЕ И ЌЕ СЕ ДОЗВОЛИ ПЛАЌАЊЕ НА ГЛАВНИЦАТА НА РАТИ - за јавните установи задолжително, за приватните само апел
Каматите ќе се отпишат, а главницата на долгот ќе се исплаќа на повеќе рати. Премиерот Зоран Заев денеска ја соопшти најновата владина мерка. Преку 150.000 граѓани ќе бидат опфатени со законот за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на граѓаните во услови на КОВИД-19 чиј предлог-текст е усвоен на денешната владина седница. Законот ќе овозможи граѓаните да ја исплатат само главницата на долгот на повеќе рати.
Овој закон, потсети премиерот, беше вклучен во петиот пакет мерки и со него уште еднаш се потврдува грижата што ја води Владата за граѓаните во услови на корона криза.
Заев ги повика приватните компании да демонстрираат општествена одговорност и на ист ваков начин да им излезат во пресрет на граѓаните.
„Како Влада немаме право да им наложиме на приватните компании ваква законска обврска, но апелираме да го следат овој пример на доброволна основа, да демонстрираат општествена одговорност и да им излезат во пресрет на граѓаните, да покажат разбирање за причините поради кои тие задоцниле со плаќање на обврските кон нив“, истакна Заев.
