Ќе се ограничуваат меѓубанкарските надоместоци со платежни картички
Министерството за финансии ќе предложи нов Закон за платежни услуги и платни системи, со кои планира да го либерализира пазарот на платежните услуги со што се сака да се зајакне конкуренцијата.
Се уште нема детали како ќе се уредува оваа проблематика но според првичните информации Законот се прави да се обезбеди транспарентност, односно граѓаните целосно да знаат како и по која цена може да ги ги користат услугите.
Тоа впрочем е барање и од Европската унија односно од директивите и регулативите кои важат во Унијата. Со законот треба да се овозможи граѓаните да ги споредуваат надоместоците кои ги плаќаат за платежните услуги, а меѓубанкарските надоместоци со платежни картички ќе бидат ограничени. За одредени категории на потрошувачи ќе се овозможи отворање сметки со основни функции преку кои ќе може да се извршуваат одреден број на бесплатни трансакции.
Платежните услуги и платните системи во моментов се уредени со Законот за платниот промет кој е донесен во 2007 година.
А.Т.
