Ќе се носи ли закон со кој државата би ги обештетила поголемите штедачи од Еуростандард - тие денеска на протест и на средба со пратениците
Ќе се носи ли закон со кој државата би им ги надоместила заглавените пари во Еуростандард банка на граѓаните и на фирмите, на кои таму им останаа заробени над 30 илјади евра, и не можат да си ги наплатата преку Фондот за осигурување на депозити?
На потег се властите да одговорат прецизно на ова прашање.
Кога премиерот Зоран Заев и вицепремиерот Фатмир Битиќи имаа средба со овие штедачи, од Владата соопштија дека „на состанокот се споделени некои од проблемите со кои се соочуваат оштетените граѓани, физички и правни лица, по пропаѓањето на Еуростандард банка и се слушнати предлозите од Иницијативниот одбор, за можни решенија“. Премиерот Заев најавил дека предлозите ќе бидат разгледани од страна на институциите и дека претставниците на Иницијативниот одбор ќе добијат повратна информација.
А штедачите денеска ќе протестираат пред Собранието, но потоа ќе се сретнат и со народните избраници од сите политички партии, од кои ќе бараат поддршка за овој закон.
Како што веќе го изнесоа своето барање во јавноста, оштетените штедачи инсистираат на итно носење на законско решение со кое државата би ги презела побарувањата на физичките и на правни лица, депоненти во Еуростандард банка, и во целост ќе би ги обештетила, а потоа државата да наплати од стечајната маса.
Како што Фактор веќе пишуваше, од кредитите кои ги давала Еуростандард банка, ненаплатлива е голема сума на пари, односно 55 милиони евра од кредитите дадени на компании, и 2,7 милиони евра од кредитите одобрени на граѓани.
Од тие причини, на штедачите со суми над 30 илјади евра, им било речено дека ќе можат да очекуваат да наплатат од стечајната маса до околу 25 отсто од нивните влогови.
Здружението на штедачи вчера се огласи во јавноста најавувајќи го протетсот и средбата со пратениците.
„За време на протестот Иницијативниот одбор на Здружението, во просториите на Собранието, ќе одржи заеднички состанок со претставниците од сите политички партии, каде очекуваме да се дефинира динамиката на носење на законот, и заклучоците и дефинираниот план од состанокот ќе бидат претставени на медиумите по завршување на истиот на прес конференција пред Собранието на која се поканети сите претставници на медиумите“, информираа вчера од Здружението на оштетени физички и правни лица на Еуростандард банка.
За протестниот собир штедчите велат дека ќе биде мирен, и преку него Здружението ќе бара од сите политички партии во најбрз можен рок да го гласаат предлог законот за регулирање на побарувањата на оштетените штедачи од Еуростандард банка и со тоа, како што велат, да покажат дека подршката што им ја дале за законското решение во изминатиот период не била само декларативна, туку дека народните претставници се грижат подеднакво за сите граѓани.
„Здружението на оштетени физички и правни лица на Еуростандард Банка ги повикува сите граѓани на РСМ како и сите правни лица да им се приклучат на овој мирен протест, затоа што ова што на нас ни се случи сега може да им се случи на нив утре, доколку државата не реагира и не преземе мерки“, велат од Здружението.
Н.Н.Ф.
