Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЌЕ СЕ НАМАЛУВА ВИСИНАТА НА СТАПКАТА НА ПРИДОНЕСОТ ЗА ЗДРАВСТВЕНО – се менува Законот, еве на кого се однесува

ЌЕ СЕ НАМАЛУВА ВИСИНАТА НА СТАПКАТА НА ПРИДОНЕСОТ ЗА ЗДРАВСТВЕНО – се менува Законот, еве на кого се однесува

Ќе се намалуваат придонесите кои треба да се уплатат за здравствено осигурување за лицата кои се во пензија, но кои ќе бидат работно ангажирани. Во Собранието се пристигнати предлог измени на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување.

Предлагачите, група пратеници посочуваат дека со предложените законски измени и дополнувања ќе се намали висината на стапката на придонесот за задолжително здравствено осигурување за обврзникот кој е корисник на пензија, ќе се изврши усогласување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување со Законот за работно ангажирање на лица и ќе се обезбеди ефикасно спроведување на Законот за работно ангажирање на лица во пракса.

Законот за придонеси од задолжително социјално осигурувањеги уредува прашањата во врска со видовите на придонеси за задолжително социјално осигурување, обврзниците за плаќање на придонеси, обврзниците за пресметка и уплата на придонеси, основиците на кои се плаќаат придонеси, стапките на придонеси, начинот на пресметка, роковите на плаќање на придонеси, контролата на пресметување и уплата на придонеси, како и други прашања кои се значајни за утврдување и плаќање на придонесите.

- Согласно постојните законски одредби придонесот за задолжително здравствено осигурување за обврзникот кој е корисник на пензија се плаќа по стапка од 13 отсто. Со оглед на тоа дека оваа стапка е значително повисока од општата стапка за здравствено осигурување која изнесува 7,5  проценти, предлагаме истата да се намали. Во насока на усогласување на одредбите од овој закон со Законот за работно ангажирање на лица, а во кој е уредено работното ангажирање на лица за вршење на работи од повремена или сезонска природа, потребно е да се изврши изменување и дополнување на одредбите на постојниот Закон за придонеси од задолжително социјално осигурување  - посочуваат пратениците во образложението на законските измени.

Тие истакнуваат дека целта на предложеното изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување е намалување на висината на стапката на придонесот за здравствено осигурување која се плаќа за корисниците на домашна пензија како и усогласување со Законот за работно ангажирање на лица, односно обезбедување на негова ефикасна примена во пракса во законски предвидениот рок.

-  Со Законот се предлагаат следните решенија: - намалување на стапката на придонесот за задолжително здравствено осигурување за обврзникот кој е корисник на пензија (од 13% на 11.8%) и - усогласување со одредбите од Законот за работно ангажирање на лица. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување не предизвикува финансиски импликации врз Буџетот на Република Северна Македонија – се посочува во законот, а воедно пратениците предлагачи бараат Собранието овие измени да ги разгледа по скратена постапка.

Зад овие измени стојат претставници на владејачката коалиција, и тоа  Бојан Стојаноски, Бране Петрушевски, Дафина Стојаноска, Драгана Бојковска, Мартин Стојановски, Никола Коњановски. Поради фактот што сите се од владината коалиција, очекувањата се дека овие измени наскоро ќе бидат усвоени.

П.О.

Слично

Поврзани вести