Ќе се игра оро за Гинис за да се промовираат туристичките потенцијали на Македонија
Приливот од туризмот минатата година надмина 200 милиони евра, а бројот на туристи постојано се зголемува. Од почетокот на годинава се бележи раст на бројот на туристички посетители за 25%, вели Кристијан Џамбазовски, директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во Македонија, кој го отвори Меѓународниот саем за туризам – Скопје травел маркет 2014.
„Следејќи ги светските трендови, Владата преку нови и проекти кои веќе се реализираат дејствува во правец на создавање услови за унапредување на домашниот туристички производ, значително збогатување на понудата и на туристичките содржини во земјата. Продолжуваме со се поагресивни медиумски кампањи кои ја претставуваат Македонија како привлечна туристичка дестинација“, напомена Џамбазовски.
Скопје травел маркет 2014 ќе трае четири дена, до сабота. Посетителите имаат можност да се запознаат со понудите за претстојните велигденски празници и летните одмори на 60-те директни учесници, туристички агенции, хотели, тур оператори, општини и градови во Македонија, Србија, Турција, Бугарија, Албанија, Словенија. За првпат на овој саем ќе биде претставена и можноста за екстремни спортови. Покровител на Скопје травел маркет 2014 е Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, која заедно со Националниот ансамбл за народни игри и песни на Македонија „Танец“ ќе го промовира проектот „Најголемо оро во светот“, со што ќе се направи обид да влезе во Гинисовата книга на рекорди.Според Светската туристичка органзација, во 2013-та бројот на туристи надминува една милијарда. Тие генерираат еден трилион долари во извозот на земјите кои ги посетуваат. Со оглед на големата побарувачка на меѓународниот пазар за туризам, прогнозите за 2014 година се раст од пет отсто во однос на патувањата.
