ЌЕ СЕ ГРАДАТ ПОМАЛКУ ЗГРАДИ, АМА ПОСКАПИ, намален бројот на одобренијата за градба
Се намалува ли интересот за градење во земајва? Податоците велат дека во текот на месец септември биле издадени скоро 13 проценти помалку одобренија за градење во споредба со истиот период минатата година. Но, од друга страна вредноста на објектите кои треба да се изградат е поголема за дваесет проценти.
Имено, според податоците кои ги објави Државниот завод за статистика во септември 2022 година се издадени 277 одобренија за градење, што е за 12,9 отсто помалку во однос на истиот месец од претходната година.
- Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 4.643.053 илјади денари, што е за 21,1 процент повеќе во однос на истиот месец од претходната година. Од вкупниот број на издадени одобренија за градење, 134 (48,4 отсто) се наменети за објекти од високоградба, 74 (26,7 проценти) за објекти од нискоградба и 69 (24,9 отсто) за објекти за реконструкција. Од вкупно 277 објекти, на 145 (52,3 проценти) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 132 (47,7 отсто) објекти инвеститори се деловни субјекти. Во извештајниот период е предвидена изградба на 427 станови, со вкупна корисна површина од 40 344 метри квадратни - се наведува во соопштението на ДЗС.
