ЌЕ СЕ ФОРМИРА КОМИТЕТ ЗА ЕНЕРГЕТСКА ЕФИКАСНОСТ? Tреба да има пет членови и ќе управува со Фондот, еве ги деталите
Во Собранието доставени се измени на Законот за развојната банка на Северна Македонија, поради промената на имињата на дел од министерствата, односно поради реорганизацијата на институциите.
Законот предвидува формирањето посебно телото кое ќе има надлежности да управува со Фонд за енергетска ефикасност. Како што пишува во документот доставен до собраниските пратеници предвидено дека за „управување со Фондот за енергетска ефикасност, Владата на Република Северна Македонија донесува одлука за формирање Комитет за енергетска ефикасност“.
Од Владата на Македонија за Фактор велат дека иако законот од претходно определил дека треба да се формира Комитетот досега не бил оформен и потврдуваат дека вакво тело во иднина ќе се оформи согласно законските обврски.
- Досега Комитетот не бил оформен, но согласно Законот во иднина ова тело ќе биде конституирано согласно одредбите. Временска рамка се уште нема, но законските одредби ќе бидат испочитувани - посочува Марија Митева, портпарол во Владата.
Согласно законот комитетот ќе се состои од пет члена со мандат од шест години, од кои еден е претседател. Членовите ќе бидат делегирани од различни институции. Па така еден член ќе биде на предлог на Министерството за финансии, друг на предлог на Министерството за економија, трет на предлог на Министерството за животна средина и просторно планирање. Следни во низата кои ќе предложат член на ова тело се Министерството за енергетика и Развојната банка (РБСМ).
- Комитетот на првата седница го избира претседателот од членовите. Членовите на Комитетот треба да имаат стекнато најмалку 240 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен од областа на техничките науки - електротехника, машинство или градежништво, економските науки, организационите науки и управувањето (менаџментот) или од правните науки и најмалку десет години работно искуство на работи и работни задачи релевантни за работењето на Фондот за енергетска ефикасност од областа на завршеното високо образование – се наведува во законот доставен до пратениците.
Притоа е посочено дека комитетот ќе прави тригодишен план за работењето на Фондот за енергетска ефикасност и неговата одржливост. Исто така ќе биде надлежен за носење годишен план за работењето на Фондот. Што се однесува до буџетот и трошоците за работење, комитетот ќе треба најмалку еднаш годишно, најдоцна до крајот на првиот квартал од тековната година, да направи оценка на остварувањето на годишниот план за работењето на Фондот за претходната година. Комитетот ќе биде надлежен да одлучува за развој на постојните и воведување нови производи во рамките на Фондот за енергетска ефикасност.
- Комитетот донесува одлука за одобрување кредити, гаранции и грантови од средствата на Фондот за енергетска ефикасност. Одобрува полугодишен извештај за работењето на Фондот за енергетска ефикасност со состојба до 30 јуни во тековната година и годишен извештај за работењето на Фондот за енергетска ефикасност со состојба до 31 декември во тековната година. Одобрува акциски планови и извештаи за мониторинг, следење и контрола на реализацијата на производите на Фондот – се наведува во документот доставен во Собранието.
Според него е предвидено овој комитет да носи и интерни процедури и упатства за работење на Фондот, но треба да доставува и извештаи до Министерството за финансии за износот на неповратни средства кои треба да се обезбедат од Буџетот.
Меѓу другото е посочено дека членовите на Комитетот ќе добиваат надоместок за извршената работа на месечно ниво, чија висина ја определува Владата. Во законот е потенцирано дека хонорарот „треба да биде разумен и соодветен на обемот и сложеноста на работата, но не повисок од една просечна нето - плата во Република Северна Македонија“.
Во образложението на законот е посочено оти сегашните измени се прават поради укинување на Агенцијата за енергетика, а согласно претходните законски измени утврдено е дека нејзините надлежности се пренесуваат во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, како и дека се менува името на Министерството за економија кое сега е Министерство за економија и труд.
П.О.
