Ќе се брендира македонското слатко
Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ „Браво сине!" во соработка со Skopje Design Week започнува проект за брендирање на автентични национални производи. Први можност да го брендираат својот производ и да добијат автентичен дизајн ќе бидат производителите на македонско слатко.
Сите заинтересирани компании од оваа дејност може да се пријават на конкурсот кој ќе биде јавно објавен. Услов за учество во проектот е компаниите да имаат сопствено производство и соодветен пласман. Пријавите за учество на конкурсот ќе бидат јавно достапни на интернет страниците www.bravosine.mk, www.sdw.mk и www.map.org.mk.
Пристигнатите пријави ќе ги разгледа стручно жири, а избраната компанија ќе биде јавно објавена најдоцна на почетокот на следниот месец.
„Одлучивме креативноста на младите да ја поврземе со автентични македонски производи кои имаат голема потреба од создавање на сопствен бренд и креирање на своја комуникациска приказна. Овој проект ќе им помогне на креативците, истовремено ќе ја подигне свеста за брендирање кај производителите и ќе придонесе кон подигнување на јавната свест за потребата од креирање на производ со идентитет", изјави Ангелка Пеева Лауренчиќ, претставник на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ „Браво сине!"
На изработка на дизајнот ќе работат млади дизајнери од Македонија кои ќе може да се јават на огласот што ќе биде објавен по изборот на компанијата. Сите пристигнати дизајнерски решенија ќе ги разгледа стручна комисија, а победничкото решение ќе биде наградено со 200.000 денари. Победничкиот креативен идеен проект ќе биде прогласен во рамките на годишното издание на Skopje Design Week што ќе се одржи во септември. Компанијата овие решенија ќе ги добие без надомест, со обврска да ги имплементира и производите да ги направи достапни на потрошувачите.
Целта на оваа иницијатива е да се поттикне креативниот потенцијал кај младите дизајнери, во функција на економскиот развој на земјава и подобрување на конкурентноста на македонските производи.
„Македонските преработувачи на овошје и зеленчук имаат квалитетни производи, но најчесто им недостига додадена вредност токму во овој аспект на дизајн на амбалажа и потребни елементи врзани со тоа. Токму затоа мислам дека овој проект е вистинска шанса за многу компании што тежнеат да создадат врвен производ со сите потребни елементи“, изјави Сашо Ристески, извршен директор на Македонската Асоцијација на Преработувачи.
Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине!“, чија цел е поттикнување и поддршка на талентот и креативноста кај младите во функција на создавање силни национални брендови, го носи името на еден од основоположниците на современата македонска креативна и маркетинг индустрија - Иво Лауренчиќ. Голем број претставници на јавниот живот, бизнисмени, уметници, членови на академската заедница, како и луѓе од креативната индустрија од земјава и целиот регион дадоа поддршка на Движењето за поддршка на креативноста – Иво Лауренчиќ во насока на исполнување на овие цели.
Слично
