Економија, финансии, бизнис

Контакт

ГРАЃАНСКИТЕ ЗАШТЕДИ РАСТЕЛЕ И ВО ВРЕМЕ НА КРИЗА - ќе донесат ли повисоките камати и зголемени депозити

ГРАЃАНСКИТЕ ЗАШТЕДИ РАСТЕЛЕ И ВО ВРЕМЕ НА КРИЗА - ќе донесат ли повисоките камати и зголемени депозити

Процесот на раст на каматите на кредитите и на депозитите веќе започна, но какви ќе бидат движењата во следниот период, ќе расте ли кредитирањето? Промените на монетарната политика наметнати од кризите и инфлацијата потикнаа процес на раст на каматите, но дали ова ќе биде причина и за раст на депозитите.

-  Сведоци сме на континуирано зголемување на општото ниво на каматните стапки. Почнувајќи од каматните стапки на инструментите на монетарната политика, Народната банка настојува да го искористи расположивиот инструментариум против инфлацијата, преку каматните стапки со кои се задолжува државата, па се до каматните стапки на комерцијалните банки, штедилниците и останатите финансиски институции. Може да се очекува понатамошен раст на каматните стапки, особено ако се има предвид дека во годината што изминува динамиката на пораст на каматните стапки кај банките не ја следеше динамиката на централната банка. 

Последните податоци покажуваат дека просечната пондерирана каматна стапка на денарските кредити изнесува 4,67 отсто и споредено со јануари 2022 година бележи 0,05 процентни поени зголемување. Зголемувањето на каматната стапка на благајничките записи во месец декември споредено со месец јануари 2022 година изнесува 3,5 процентни поени - објаснува претседателката на Македонската банкарска асоцијација, Маја Стевкова Штериева.

Универзитетскиот професор Марјан Петрески за Фактор појаснува дека порастот на референтната каматна стапка ќе се преслика и врз пораст кај другите каматни стапки во финансискиот систем. Дополнува дека кај кредитите и депозитите веќе се забележува пораст на каматните стапки, почнувајќи од август, што е реакција на затегнувањето на монетарната политика.

-  Со оглед дека и монетарната политика ќе остане на линијата на затегнување, за очекување е дека ниските каматни стапки и на кредитите и на депозитите на кои се навикнавме сега се веќе минато. Во услови на намалена ликвидност во системот, не само од поставеноста на монетарната политика, туку и поради ценовните притисоци поради кои фирмите трошат од своите заштеди за одржување на бизнис динамиката, логично е преку повисоките каматни стапки банките да сакаат да привлечат поголеми заштеди, што ќе биде сѐ потешко во услови на намален реален раст на доходот. Од друга страна, штедењето, особено кај населението, се покажа релативно нереспонзивно на промените во каматната стапка кога таа се движеше надолу, односно и тогаш видовме солидно темпо на зголемување на депозитите, што веројатно е сврзано и со недоволната склоност кон штедење во алтернативни финансиски инструменти, аверзија кон ризици итн. Кај фирмите, штедењето во сегашните околности е силно детерминирано од растечките цени кај инпутите. Така што, севкупно кога ќе се земат сите овие спротивставени движења, би рекол дека не треба да очекуваме дека кај штедењето во вкупен обем ќе настанат драматични промени од динамиката која ја гледавме досега – појаснува професорот Петрески.

Претседателката на МБА дополнува дека е очекувано зголемувањето на општото ниво на каматни стапки да доведе до зголемување на каматните стапки на штедните влогови.

-  Во изминатиот период просечната пондерирана каматна стапка на орочените денарски депозити е зголемена од од 1,03 процент во јануари на 1,12 проценти во октомври. Речиси сите банки на крајот на годинава нудат повисоки каматни стапки за орочување на штедните влогови. Оттаму, може да се очекува натамошен раст на штедните влогови во банките. И во изминатите години, и покрај ниските каматни стапки, шпекулациите на поедници на социјалните мрежи во врска со стабилноста на банкарскиот систем, како и континуираното повлекување депозити и вложување во недвижности, на ниво на банкарски систем беше регистрирано постојано зголемување на депозитната база. Имено, вкупната депозитна база на 30.11.2022 година, споредено со 31.12.2021 година, бележи пораст од 2,23 отсто, додека порастот кај депозитите на населението изнесува околу 3 проценти. Може да се каже дека довербата на населението во ниту еден момент не се намали, па дури ни во периоди кога имаше сериозни шпекулации во врска со стабилноста на денарот или на банкарскиот систем – објаснува Стевкова Штериева.

За Фактор претседателката на МБА потенцира дека влијанието на порастот на каматните стапки не е праволиниски позитивен за работењето на банките. Објаснува дека иако има позитивни аспекти, мора да се нагласи дека постојат опасности кои може да се манифестираат преку влошување на кредитното портфолио.

-  Доволно е да тргнеме од фактот дека се очекува намалување на општата потрошувачка како резултат на намалената платежна способност на правните лица и на населението. 

Банките може да бидат на удар доколку корисниците на банкарски кредити, дозволени и недозволени пречекорувања на трансакциски сметки, како и на искористени лимити на кредитни картички не се во можност навремено да ги плаќаат своите достасани обврски кон банките. 

Доколку дојде до тоа, самото доцнење во измирувањето на обврските од кредитокорисниците ќе доведе до ситуација банките да мора да вршат исправка на вредноста на овие кредитни изложености, што претставува расход за банките и влијае на намалување на добивката – прецизира Стевкова Штериева.

Според неа, воопшто не е едноставно да се каже дали зголемените каматни стапки и растот на депозитната база би биле стимул за зголемување на кредитирањето на стопанството и укажува дека банките и штедилниците секогаш се заинтересирани да кредитираат, додека пласманите во хартии од вредност издадени од централна банка или од државата се секогаш помалку посакувана инвестициска опција.

-  Обемот на кредитирање во голема мерка зависи од квалитетот на проектите кои барателите на кредити ги презентираат во банките, но не помалку и од задолженоста на компаниите и на физичките лица во моментот на  аплицирање за кредит. Едно од сценаријата за 2023 година е дека може да дојде до намалување на нивото на ликвидност и на обртни средства кај поголем број компании и во тој случај, најверојатно, банкарските кредити ќе бидат нивниот прв избор. Доколку нивото на задолженост и капацитетот за сервисирање на обврските од барателите на кредити се неповолни, тешко дека ќе има позначително зголемување на кредитирањето. Впрочем, банките во реализацијата на улогата на посредници меѓу субјектите со вишок финансиски средства и субјектите со недостиг на финансиски средства, имаат обврска да донесат правилна одлука за пласирање на средствата во кредити со која нема да ја загрозат сигурноста на депозитите на оние кои им ги довериле средствата на чување – појаснува Стевкова Штериева.

Петранка Огнаноска

Слично

Поврзани вести