Ќе поскапат ли портокалите и мандарините?
Недостаток на портокали и мандарини е забележан во Шпанија,
а помала е понудата и во другите медитерански земји.
На светскиот пазар цените на портокалите и мандарините годинава се повисоки за 15 до 20 отсто во однос на 2021 година. Производителите тврдат дека откупните трансакции со години не се склучувале по толку високи цени.
Последица на ова, како што пренесува „Агроклуб“, е недостигот на агруми во Шпанија, како и намалената понуда во медитеранските земји. Исто така, годинава падна и производството на портокали во Египет, и Мароко има значително помалку мандарини од најизвезената сорта.
Исклучок е Грција, со вообичаеното производство на клементини.
Според последниот извештај за зголемен мониторинг на увозот на агруми, објавен од шпанското Министерство за земјоделство, во првите девет месеци од 2022 година во ЕУ се увезени 1.446.133 тони агруми, односно во просек за 8,8 отсто помалку отколку во истиот период лани и 6, 2 отсто помалку од петгодишниот просек.
Главниот добавувач беше Јужна Африка, по што следат Египет, Турција, Аргентина, Мароко и Израел.
Кога станува збор за видовите агруми, најмногу се увезувале портокалите, но сепак тоа е за околу 23 отсто помалку во однос на истиот период лани. Увезени се околу 20 отсто повеќе лимони, но 12 отсто помалку грејпфрут.
