Ќе помине или „ќе заглави“ Договорот од Преспа во грчкиот Парламент?
Договорот од Преспа без проблем ќе помине во грчкиот Парламент. Ваков став има грчкиот алтернативен министер за надворешни работи, Јоргос Катругалос, и тој ова го изјави во интервју за грчкото радио „Њуз247“.
Се надева дека Панос Каменос нема да биде причина Владата да го заврши мандатот порано од предвиденото, односно пред септември 2019 година.
„Договорот како и да е ќе помине во парламентот. Ќе постои поголемо мнозинство од ова што во овој момент го имаме како Влада и сакам да се надевам дека министерот за национална одбрана ќе го задржи она што го изјави, дека Владата има рок на траење септември 2019“- рече тој.
Катругалос во интервјуто се повика на изјавата на портпаролот на Владата, Димитрис Ѕанакопулос дека грчкиот Устав не предвидува зголемено мнозинство за конкретното прашање, како што бара Каменос, но вели дека кога ќе дојде време ќе се разгледа барањето, јави дописничката на МИА од Атина.
Во Грција револт има меѓу граѓаните и вечерва ќе има протест во Солун, пред хотелот каде ќе говори грчкиот премиер, Алексис Ципрас. Дел од партиите исто така Договорот го сметаат за предавство.
