Ќе поевтини ли водата во Скопје?
Цената на водата за пиење во Скопје да се намали за 30% ќе побара советничката група од опозицискиот Сојуз на иднината, на следната седница на Советот на Град Скопје.
Согласно предлогот, цената на водата за пиење за домаќинства треба да се намали од сегашните 29,39 за кубен метар вода на 20 до 21 денар за кубен метар.
Според опозицијата, не е праведно граѓаните да плаќаат скапа вода за пиење, а ЈП „Водовод и канализација“ да финансира милионски проекти, како што е новата управна зграда од 10 милиони евра.
„Куповната моќ на граѓаните е намалена како последица на тотално погрешната и неодговорна економска политика на власта. На овој начин оштетени се 63 отсто граѓани кои одговорно и ревносно си ги подмируваат сметките“, посочи Драги Давчевски, советник од СДСМ.
Сепак в.д. директорот на ЈП „Водовод и канализација“ Бојан Василевски, за порталот Плусинфо, вели дека засега не постои можност за намалување на цената на водата, бидејќи сите приходи на претпријатието се инвестираат во водоводната мрежа. Меѓутоа, тој остава простор за предлогот да се разговара кога тој ќе стигне на дневен ред на Советот на Градот.
Слично
