Ќе остане ли Македонија без европските пари?
Губењето и намалувањето на фондовите од европската помош веќе е реалност и доколку не се преземат сериозни корективни мерки, може да следува редуцирање и за други програми и проекти.
Секретаријатот за европски прашања ги
анализира наодите од последниот извештај на Европскиот ревизорски суд за
начинот на трошење на европската помош, велат од кабинетот на секретаријатот.Оттаму
уверуваат дека ќе се преземат потребните
мерки за адресирање на наодите и препораките од извештајот. За препорката што
Европскиот ревизорски суд ја упати до Европската Унија за намалување или
укинување на европската помош за земјите од Западен Балкан вклучувајќи ја и
Македонија, вицепремиерот за европски прашања Арбр Адеми, вчера во Брисел
разговарал со директорката за Западен Балкан, Геновева Руиз Калавера.
„Останува посветеноста на Владата за исполнување на обврските кои произлегуваат од итните реформски приоритети имајќи ја предвид нивната важност за европската перспектива на земјата. Соговорниците, за време на состанокот особено се осврнаа на предизвиците и можностите за поефикасно планирање и искористување на поддршката која се обезбедува преку ИПА фондовите на Европската Унија. Вицепремиерот Адеми информираше дека моментално се прави длабинска анализа на неодамна објавениот извештај на Судот на ревизори, со цел да се преземат потребните мерки за адресирање на наодите и препораките од истиот“, стои во соопштението од кабинетот на Секретаријатот.
Дали Македонија ќе остане без европската помош?
Препораката што Европскиот ревизорски суд ја упати до Европската Унија за намалување или укинување на европската помош за земјите од Западен Балкан и за Македонија, е сериозно предупредување дека треба да се промени односот кон европската претпристапна помош, сметаат дел од експертите. Сметаат дека нема да има целосно укинување на помошта, туку редуцирање на средства од програмите кои се управуваат со т.н. децентрализиран/индиректен менаџмент, како на пример програмите за правда, транспорт или управување со јавни финансии.
„Станува збор за сериозни проекти од првата, третата и четвртата компонента на ИПА 1. Ова предупредување значи дека сериозно да се промени односот кон европската претпристапна помош. Особено имајќи ги во предвид моменталните прилики со губењето на пари од ИПА 1. На пример во последниот период од таа програма откажани се 20 проекти. Од нив објавени се податоци за откажаните суми на 16 проекти во износ од над 27,5 милиони евра, а за останатите 4 кои се набавки, нема информација за сумите, а станува збор за набавка на возила, ИТ опрема и друго. Значи сумата на откажани средства е уште поголема од тие 27,5 милиони. Препораката се однесува општо на административните капацитети, но фокусот е на реформите и ефектите на проектите за владеење на право, антикорупција и суштинските намени за пристапување кон ЕУ.Самото губење на толку големи алоцирани средства е сериозен показател за недостаток на административен капацитет“, вели Александар Колекески од Македонскиот центар за европско образование.
Во последниот извештај на Европскиот ревизорски суд за трошењето на европската помош за периодот 2007-2014 година се нотира дека има значителни недостатоци во националните влади, поточно недостиг на владите од Западен Балкан вклучително и на македонската Влада за спроведување на реформите во институциите.Во извештајот се посочува дека малку се вложува во реформите во судството, слободата на медиумите и мерките за справување со корупција и организиран криминал. Клучна забелешка се реформите во судството, што исто така беше нотирано и во претходниот поединачен извештај за секоја земја од Западен Балкан.
„Губењето и намалувањето на фондовите од европската помош веќе е реалност и доколку не се преземат сериозни корективни мерки, може да следува редуцирање и за други програми и проекти. Ревизорите на Европскиот суд особено укажуваат во континуитет дека и веќе спроведените проекти немаат некаков видлив реформски ефект. На пример, Академијата за судии и обвинители, спроведен проект, но ефектите не се онакви како што првично се планирало, потоа Институт за заштитен сведок е реализиран со европски проекти, а ефектите од спроведувањето на истиот можеби се разликуваат од она што во ЕУ се подразбира како владеење на право“, вели Колекески.
Во интервју за телевизијата Алсат-М, евроамбасадорот Самуел Жбогар порача дека македонските власти треба сериозно да ја сватат препораката од Европскиот ревизорски суд и да спроведат ригорозни реформи.
ЕК веќе стопираше пари за проекти во Македонија
Во јули годинава Брисел прво донесе одлука за стопирање на 27,1 милиони евра од ИПА 2 фондовите кои требаше да и бидат дадени на располагање на Македонија. Европската Комисија одлучи да ги суспендира пред да и бидат доделени на Македонија, оти земјава не ги спровела потребните реформи за што Брисел постојано укажувал изминативе години.Овие 27 милиони евра кои не и се доделни на Македонија беа наменети за менаџирање на јавни финансии, владеење на правото и конкурентност на економијата. Тие пари како што велат упатените се неповратно изгубени и најверојатно ќе бидат распределни на земјите од регионот кои што ги спровеле реформите кои требаше да ги направи Македонија.
Истиот месец, ЕК донесе нова одлука за кратење на дополнителни 69 милиони евра пари од ИПА фондовите наменети за Коридорот 8. Со овои потези меѓународната заедница прати јасен сигнал до македонската власт дека нема политичка волја за спроведување на потребните реформи.Од Бирсел тогаш посочија дека не ја исклучуваат можноста за одземање на надлежностите на земјава да менаџира со ИПА фондовите, што практично значи дека лично Европската унија ќе одлучува за кои проекти ќе бидат потрошени европските пари.Дополнително, Македонија останува исклучена и од големите регионални инфраструктурни проекти.
За периодот 2014-2020 година Брисел за Македонија предвиде 664 милиони евра за повеќе сектори помеѓу кои се јавната администрација, транспортот, борбата против корупцијата, владеењето на правото или фундаменталните права. За 2007 и 2013 година за Македонија имаше предвидено 615 милиони евра,но овие пари не се употребени како што било планирано.
Т.С
