Ќе огрее ли сонцето и за 5.000 мали домашни акционери на „Макстил“, 25 години од приватизацијата?
„Макстил“ во една година „стопи“ 18,63 милиони евра долг спрема својот најголем акционер „Дуферко Скоп„ С.А. За значењето на оваа информација доволно е да се каже дека во една година скопската челичарница успеа да исплати 8 годишни рати и сега и остануваат за исплата уште две. Зошто е ова добар знак и за малите акционери поранешни и сегашни вработени, домашни физички лица? Затоа што сега се гледа светлото на крајот од тунелот и затоа што е реално и разумно да се очекува дека во блиска иднина со овој режим на работа „Макстил“ ќе може да исплати дивиденда на сите свои акционери! По 25 години тоа ќе биде првата и голема корпоративна победа на малите акционери, а ги има над 5.000 лица меѓу кои има такви што многу страдаа во годините на транзицијата
Најголемата македонска челичарница „Макстил“ му приреди убав новогодишен подарок на најголемиот акционер – швајцарската компанија „Дуферко Скоп“ СА. „Макстил“ објави дека на 28 декември лани (пред неполни две седмици) „Макстил“ исплати на својот најголем акционер уште 9,96 милиони евра кои вклучуваат отплата за лани и три идни годишни отплати (2025, 2026 и 2027 година). Претходно во првиот квартал во годишната рата за 2021 година беа платени, со попуст и ратите за 2028,2029 и 2030 година.
Вкупниот долг на „Макстил“ кон најголемиот акционер – швајцарската компанија „Дуферко Скоп С.А.“ изнесуваше 27,39 милиони евра. Двете страни склучија договор за измена на претходниот договор и за исплата на долгот на десет годишни рати.
Имено, „Макстил“ направил нов договор со својот најголем акционер „Дуферко Скоп“ С.А. , но овој пат акционерот е во својство на доверител. Двете страни склучиле договор за регулирање и реструктуирање на обврските на „Макстил“ кои изнесуваат 27,4 милиони евра.
Станува збор за долг кон акционерот кој потекнува уште од периодот на поделба на поранешната најголема државна компанија ПОС „Рудници и Железарници“ од која поделба произлезе и „Макстил“ кој беше основан во 1997 година.
Според приложеното досега, „Макстил“ треба да се раздолжи уште само две годишни рати и тоа за годинава (2023) и за идната 2024 година.
Е ова е добра вест и за малите акционери во една од најголемите македонски компании. Затоа што по чистењето на долговите, а во овој режим на работа „Макстил“ реално ќе создаде услови во блиска иднина да може да исплати дивиденда на сите свои акционери.
Според официјалните податоци на Централниот депозитар за хартии од вредност во „Макстил“, на почетокот на годинава, акции имаат 5.126 домашни физички лица кои поседуваат 15,8 отсто од акциите во право на глас во скопската челичарница.
Повеќе информации на следниве линкови:https://www.seinet.com.mk/Default.aspx?lang=MK&docID=61670
„Макстил“ се раздолжува! Кој си наплати 8,7 милиони евра?Р.Ф.