ЌЕ НЕ ПОГОДИ ИЛИ ЌЕ НЕ „ЗАДРМА“ - како Брегзитот ќе влијае врз македонската економија
Се случи и тоа, Британците и кажаа збогум на Европа. Веќе не се дел од европското семејство, иако до крајот на годинава ќе тече транзицискиот период. Што ќе биде понатаму, никому и не му е целосно јасно.
Она што е факт, е дека Брегзитот и тоа како е предизвик за глобалната економија. Нашата сигурно нема да биде поштедена, прашањето е само дали ударот ќе биде посилен, или индиректен и поблаг.
Домашните институции и експертите смируваат. Според нив, ризиците за нас се помали и нема да донесат значајни нарушувања.
Сепак, најголемиот ризик за македонската економија и клучното прашање е - колку Брегзитот ќе ја погоди европската економија.
Владата се огласи во петокот, откако Министерството за надворешни работи добило писмо од Делегацијата на ЕУ во земјава, со кое се информира дека Обединетото Кралство нема да биде држава членка на Европската Унија и на Европската заедница за атомска енергија (Евроатом), сметано од први февруари 2020 година.

Со Договорот за повлекување меѓу Обединетото Кралство и Европската Унија се предвидува преоден период, временски ограничен до 31 декември 2020 година.
„Владата, согласно оваа нотификација, ќе го смета Обединетото Кралство како држава членка на Европската Унија во однос на важечките билатерални и мултилатерални меѓународни договори склучени меѓу нашата земја и Европската Унија. Важечките билатерални и мултилатерални договори меѓу нашата држава и ЕУ ќе продолжат да важат и да се применуваат и во билатералните односи меѓу земјава и Обединетото Кралство за време на преодниот период, кој е предвиден да трае до 31 декември 2020 година“, информираа од Влдата.
Меѓу поважните меѓународни договори, чија примена ќе продолжи во билатералните односи до истекот на транзицискиот период, е Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Она што е најважно за фирмите, е дека во овој транзицики период, за нив нема да има нови правила или обврски.
Фактор на оваа тема побара став и од Народната банка. Оттаму потврдуваат дека процесот на Брегзит е еден од поголемите ризици на глоблната економска сцена.

Практично, колку Брегзитот ќе ја погоди европската економија, толку ќе ја погоди и нашата.
„Ефектите за нас многу веројатно би биле индиректни, а условени од тоа дали Брегзит-от ќе биде проследен со некаков вид на трговски договор со ЕУ, или не, и какви ќе бидат ефектите врз растот на европската економија, како наш клучен трговски партнер“, објаснуваат од НБМ.
Според централната банка, нашата директна изложеност кон Британија е релативно мала. Велат дека во однос на директните канали, најзначаен е трговскиот, односно размената на стоки со британските компании, која е на релативно ниско ниво.
ОД БРИТАНИЈА МНОГУ ПОВЕЌЕ УВЕЗУВАМЕ ОТКОЛКУ ШТО ИЗВЕЗУВАМЕ
Притоа, треба да се има предвид дека од Британија многу повеќе увезуваме, отколку што таму имаме извоз, кој е незначителен.
„Учеството на Велика Британија во вкупната надворешно-трговска размена за периодот од 2010 до ноември 2019 година, во просек изнесува само 7,1 отсто од БДП, а речиси во целост произлегува од увозот, во услови на незначителен извоз на стоки. Просечното учество на увозот на стоки од Британија во вкупниот увоз на стоки за периодот 2010 до ноември 2019 година изнесува 9,7 отсто, додека просечното учество во БДП за истиот период е 6,4 проценти“, објаснуваат од Народната банка .
Дополнителни потенцијални директни канали се директните инвестиции и промената на девизниот курс, но и во овој случај, како што велат монетарните власти, ефектите не би биле загрижувачки. Имено, британските директни инвестиции во домашната економија се мал дел од вкупните директни инвестиции, или само 6,9 отсто од БДП, од вкупни инвестиции од 49,6 проценти од БДП во 2018 година.
Влијанието од промената на вредноста на британската фунта исто така се оценува како мало, со оглед на нејзиното мало учество во одделни клучни економски категории.
Така на пример, валутната структура на нашиот бруто надворешен долг во последните пет години укажува дека во него најголемо учество, или околу 84,4 отсто, има долгот кој е деноминиран во евра. Потоа следи долгот земен во САД-долари и јапонски јени, додека во останатите валути во кои спаѓа и британската фунта, изразени се 4,8 проценти од долгот.
Или, долгот на земјата изразен во фунти, но и на штедни влогови и кредити во британската валута, е занемарлив, па од тој аспект нема ни ризици.

„Долгот во британски фунти е многу мал, односно занемарлив, укажувајќи на занемарлив ризик од промени кај британската фунта. Воедно, незначително е учеството на британската фунта и во валутната структура на депозитите и кредитите во билансите на домашниот банкарски систем, со што и ризикот од поголеми промени во вредноста на оваа валута е минимален“, потенцираат од централната банка.
Ризикот од пренесување на влошената економска состојба од Британија преку финансиските канали, најмногу преку банкарскиот сектор, исто така се оценува како незначителен, поради слабата финансиска поврзаност на двете економии.
Или, во моментов неповолните ризици од Брегзитот се ценат како помали, но сѐ уште се присутни, бидејќи е кус транзицискиот период во кој треба да се постигне договор.
„Оваа транзиција треба да трае една година, до крајот на 2020, период во кој би се дефинирале новите правила на тргување и би се постигнал трговски договор помеѓу ЕУ и Велика Британија. Овој период, според аналитичарите, се цени како релативно кус период, со што постои одреден ризик повторно на крајот да се излезе бeз договор или да се бара пролонгирање на транзицијата. Оттука, и натаму е нејасна операционализацијата на процесот, и тој како потенцијален фактор на ризик сѐ уште е присутен“, објаснуваат од Народна банка.
ИЗВОЗНИЦИТЕ ЌЕ ТРЕБА ДА СПРЕМАТ ДРУГА ДОКУМЕНТАЦИЈА
Експертите со кои разговараше Фактор предупредуваат дека прашањето на Брегзитот за Македонија е многу важно.
Универзитетскиот професор Марјан Петрески вели дека Велика Британија за нас е значаен трговски партнер, а нејзиното значење за трговијата со Македонија особено се зголеми по влегувањето на неколку британски инвестиции во земјава.
„На пример, во 2019 година, Британија го заземаше второто место на важност во нашата трговија, веднаш зад традиционално првиот трговски партнер Германија, со најголем раст на трговската размена во однос на сите други трговски партнери, од 34 отсто во однос на 2018.
Брегзитот, кој се случи на 31 јануари, е всушност проследен со т.н. период на повлекување, односно излегувањето од ЕУ не се случи де-факто пред 3 дена, туку фазно ќе се одвива до крајот на 2020 година. Значи, Британија сеуште останува на заедничкиот пазар на ЕУ, во Царинската унија, и сеуште ќе ги уплаќа своите контрибуции во буџетот, што значи дека генерално трговските односи во тој период нема да се сменат“, вели Петрески.

Според него, во тој период Британија ќе може да преговара за своите трговски односи со земјите од ЕУ и со останатите земји во светот, меѓу кои и Македонија, за тоа кои услови ќе настапат по овој период на повлекување.
„Притоа, претпоставувам дека најзначајни и најсложени ќе бидат трговските преговори со ЕУ, каде што односите на моќ ќе детерминираат таму да биде потрошен значаен напор, додека очекувам дека трговски договор помеѓу Велика Британија и Македонија ќе биде постигнат релативно поедноставно. Притоа, очекувам дека трговските односи ќе бидат ре-договорени во ист или поповолен контекст во однос на нашите трговски релации со ЕУ, кои се регулирани со Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Во крајна линија, и Македонија и Велика Британија се земји членки на СТО, што секако ја дава неопходната рамка за трговските односи дури и во теоретска ситуација во која не би се склучил трговски договор“, објаснува професорот Петрески.
Во финансискиот дел, вели тој, значењето на Велика Британија за Македонија е помало, бидејќи во нашиот финансиски систем немаме големо учество на британски банки или други финансиски институции. Во тој дел е важно што Велика Британија ќе треба да ре-воспостави или да го прошири опфатот на своите регулаторни тела, функција која до моментот на излегувањето од ЕУ ја вршеа европските регулаторни тела.
„Така што, севкупно земено, излегувањето на Велика Британија од ЕУ нема да предизвика значајни или осетливи нарушувања на економските односи помеѓу Британија и Македонија. Секако, на техничко ниво, нашите извозници сега ќе треба да спремаат друга документација, или ако извезуваат и во ЕУ и во Британија, да спремаат двојна документација за извозот“, потенцира Петрески.
Нина Нинеска-Фиданоска
