Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЌЕ КУРТУЛАТ ЛИ МАЛИТЕ ФИРМИ - власта „крои“ поголем праг за ДДВ

ЌЕ КУРТУЛАТ ЛИ МАЛИТЕ ФИРМИ - власта „крои“ поголем праг за ДДВ

Какви ефекти дал прогресивниот данок кој стартуваше од почетокот на годинава и со кој се предвиде втора, повисока стапка од 18 отсто за личните примања над 90 илјади денари, се уште „мери“ Министерството за финансии. 

Се анализира и дали треба да се зголеми прагот за ДДВ обврзници, кој сега изнесува еден милион денари. 

Неодамна премиерот Зоран Заев најави дека се планира зголемување на прагот за ДДВ обврзници. 

Министерката за финансии Нина Ангеловска вели дека тие анализи не се уште комплетно завршени, а се ценат не само парите што ќе се соберат во буџетот, туку и големиот товар што сега го има Управата за јавни приходи.

„Се прават анализи и за прагот за ДДВ и при тие анализи не се зема предвид само фискалниот ефект, туку се зема предвид и администрацијата потребна за вложување, регистрирање и контролирање на тие мали компании. Во моментов ги правиме анализите, ја испитуваме и страната на фискалната импликација и страната на административниот товар на УЈП конкретно за да можеме да донесеме ново сеопфатно издржано решение“, изјави вчера Ангеловска.

Според неа, јавоста и за оваа, и за сите други анализи што се прават во моментов, медиумите благовремено ќе бидат информирани.

„За сите ќе ве информираме благовремено, ќе ве повикаме и на презентација и да ви ги соопштиме резултатите, и понатаму секако одлуките што ќе произлезат“, рече првата финансиерка. 

А јавноста очекува да го слушне и владиниот конечен став за даночењето на капиталните добивки и на штедните влогови, кои треба да стартуваат од идната година, но од власта најавија дека се размислува да се одложат. Тие се предвидени со Законот за личен доход, со кој од стартот на годинава се воведе прогресивниот данок.


Слично

Поврзани вести