Ќе ја натера ли Дуња Мијатовиќ Владата да открие колку троши на реклами?
Нетранспарентното финансирање на владините рекламни кампањи е главна точка за загриженост за претставничката на ОБСЕ за медиуми Дуња Мијатовиќ, која ја заврши дводневната посета на Скопје. Сепак признава дека работата на ова прашање нема да е лесна.
„Мора да се смени тоа, за поголема транспаретност, не повеќе туку целосна транспарентност, и тоа е веќе нешто што нанесува штета на медиумското опкружување. Со тој проблем треба да се справиме веднаш и не можеме да чекаме и ќе продолжам да го покренувам ова прашање кај властите, но дали ќе успеам да го променам тоа – не знам“, рече Дуња Мијатовиќ.Македонскиот институт за медиуми (МИМ) на средбите со Мијатовиќ претходно го покрена прашањето за владините реклами, кои создаваат нерамноправност во медиумската сфера.
„Владата е најголем огласувач, состојба која трае подолго време и не се менува, туку напротив се влошува и ја доведува во прашање одржливоста на тие малку медиуми што останаа и критички и професионално ја опсервираат работата на власта“, рече Билјана Петковска од МИМ.На состојбите со владините реклами во медиумите неодамна регираше и опозицијата, според која милионски суми се слеале од Владата во одредени медиуми само за неколку дена. Владата се правда дека парите за реклами ги распределува кај сите национални медиуми, во согласност со препораките на релевантни маркетинг агенции. Освен ова, став на Владата е дека рекламните кампањи се корисни за информирање и подигање на јавната свест кај граѓаните. До сега нема официјална збирна информација колку пари по овој основ се одлеваат годишно од Буџетот. Здружението на новинари на Македонија бараше прашањето за владините реклами да се регулира со новиот Закон за медиуми, но ресорното Министерство тоа не го прифати и ваква регулатива не предвиде во Законот.
Слично
