ЌЕ ЈА ИСПЛАШАТ ЛИ КРИТИКИТЕ - Владата вели, и досега ги слушавме бизнисмените, сега уште повеќе
Владата сериозно ги сфатила критиките од бизнисмените. Така барем тврдат откако слушнаа дека близу 40 проценти од фирмите во земјава сметаат дека бизнис климата е влошена во однос на претходно. Владата постојано уверува дека ги подобрува условите за водење бизнис, но многу значаен процент од компаниите не мислат така.
Сите стопански комори од земјава, преку проектот на УСАИД, секоја година преку анкета кажуваат што им пречи во работењето, а каде има подобрување. Годинава, во најобемното анкетирање досега, во кое беа опфатени дури 596 компании, најголемиот процент, или дури 38 отсто од прашаните компании мислат дека бизнис климата е полоша од претходно, а само 13 проценти рекле дека има подобрување. За исто така голем процент, 36 отсто, нема промени во деловното опкружување.
„Станува збор за најрелевантно домашно истражување. Резултатите од анкетата за 2019 и од претходните покажуваат дека и натаму треба да се работи на подобрување на регулативата за даноците, инспекцискиот надзор, јавните набавки, работните односи и борбата со сивата економија“,смета Дрилон Исени, извршен директор на СКСЗМ и претседавач на Платформата за јавно – приватен дијалог.
Дури 40 отсто од испитаните компании сметаат дека легислативата против сивата економија е недоволна, а 36 проценти рекле дека е на незадоволително ниво. Додека, пак, 23 отсто сметаат дека е на задоволително ниво, што покажува благ пораст во однос на лани.
Во поглед на инспекциите и натаму компаниите најмногу се жалат на инсистирањето да се најде нерегуларност, иако тука има значително подобрување.
Фактор ја праша Владата зошто голем процент од бизнисмените уште се незадоволни од бизнис климата, и зошто и натаму сметаат дека еден од најголемите проблеми се сивата економија и правната несигурност. Зошто бизнисот се жали кога Владата тврди дека има подобри услови за развој на компаниите? Дали можеби причината е што таа повеќе се фокусира на големите компании, па малите работат полошо?
Од Владата тврдат дека „сите наоди во спроведеното истражување се разгледуваат со сериозност и длабинска анализа, и во соработка со засегнатите страни се преземаат и ќе се креираат нови решенија во насока на уште подобра бизнис клима за домашните и странските компании“.
Власта се правда дека уште на стартот на нивниот мандат за сите прашања ги вклучуваат стопанските комори, а тоа веќе им станало и пракса.
„Законите
и другите подзаконски прописи се креираат за да се подобри климата за водење на
бизнис, да им се олесни работата на компаниите, се во согласност со ЕУ
регулативата. Крајната цел е компаниите да растат, да го зголемуваат производството,
да бидат поконкурентни, да отвораат нови работни места кои ќе бидат подобро
платени, за да младите луѓе ја гледаат својата иднина во Република Северна
Македонија“, велат од
Владата.
„Уште на самиот почеток, едно од главните барања на коморите
е да се воведе опомена пред казнување, што и беше воведено. Во анкетата може да
се забележи дека бројот на глоби е намален речиси двојно, од 52,3 отсто
во 2016 година, на 27,2 проценти во 2019 година. За сметка на
глобите, опомената како инструмент, има зголемена употреба, односно од 38,6 отсто
во 2016 година, сега се употребува во 52,3 проценти од случаевите“, тврдат властите.
Уверуваат и дека кога ги носат законите, целосно го вкучуваат бизнисот, со тоа што претходно ги објавуваат на ЕНЕР, но и преку јавни дискусии. Такви биле Законот за финансиска поддршка на инвестициите, Законот за енергетика, Законот за минимална плата и ред други законски решенија.
„Во 2016 година, 64 отсто од компаниите изјавиле дека бизнис климата е полоша, а секоја наредна година, процентот на компании кои велат дека бизнис климата е подобра или иста е над 50 отсто“, велат од Владата.
А за забелешките дека можеби економските политики повеќе се концентрираат на големите компании, како аргумент им е дека во анкетата 56,5 отсто од малите фирми, како и 55,6 отсто, сметаат дека бизнис климата е иста или подобра. А така мислеле помалку големи компании, или 52,5 отсто.
Н.Н.Ф.