Економија, финансии, бизнис

Контакт

Ќе исчезнат „селските“ прасиња во Македонија, кланиците денеска ги потпишуваат договорите во АХВ

Ќе исчезнат „селските“ прасиња во Македонија, кланиците денеска ги потпишуваат договорите во АХВ

Кланичарите денеска во Агенцијата за храна и ветеринарство ќе ги потпишат договорите според кои ќе треба да ги откупат сите 20.000 прасиња во селските домаќинства, односно оние кои не се одгледуваат организирано и контролирано во фармите. Закланите прасиња од малите домаќинства ќе мора да бидат заколени превентивно и потоа откупени од претставниците на месната индустрија во Македонија како превентивна мерка против ширењето на африканската чума.

Директорот на АХВ, Зоран Атанасов, за МИА објави дека станува збор за пазарни цени по кои кланичарите ќе ги откупат прасињата од државата  којашто претходно ќе им ги исплати свињите на малите сточари согласно со пазарната цена. Државата одлучи да им ја плати разликата меѓу кланичната и комерцијалната цена на грлото, дополнително субвенционирана со по 3.000 денари од грло, независно од тежината на животното. 

Станува збор за свесна депопулација на свињите на фармите кои не ги задоволуваат основните биосигурносни мерки, а целта е да се спречи појавата на болеста кај нив. Атанасов вели дека досега никој немал приговор, ниту пак се противел на оваа мерка.

-Денеска треба да дојдат кланичарите за да ги потпишат договорите. Се договоривме околу цените. Агенцијата има упатства според кои ја врши проценката за обесштетување на сточарите. Таму се точно дадени категориите за вредноста. И во заклучокот на Владата е наведено дека по тие цени ќе се врши откупот од одгледувачите на свињи. Не сакаме да ги доведеме фармерите во ситуација да немаат легитимација за регистрирано одгледувалиште (РБО) или необележани свињи, за да може да ги исплати државата. Тие треба претходно да ги одбележат за да ги добијат бенефициите што државата им ги дава. Има и законски прописи кои не ограничуваат како Агенција да вршиме обесштетување на сточарите ако немаат РБО или регистрирана фарма. Ако свињите не им се обележани, ние не можеме да извршиме уплата на предвидениот надомест. Значи, доколку болеста се појави и свињите им се одземат, не ќе можеме да ги обесштетиме одгледувачите, нагласува Атанасов.

Тој додава дека мерката за стимулирање на селаните да ги заколат прасињата, пред два дена ја пропишака и Бугарија, каде африканска чума веќе има. Истата оваа активност најверојатно ќе ја спроведе и Црна Гора.


Слично

Поврзани вести