ЌЕ ИМА СЕРИОЗНИ ПРОБЛЕМИ: Пеколни лета ќе го зафатат Западен Балкан
Пеколни лета ќе има во регионот.
На Западен Балкан во блиска иднина ќе има пораст на температурите за 1,2 степени Целзиусови, и ќе продолжи да се зголемува за 1,7 до четири степени Целзиусови.
Ова се наведува во анализа на Советот за регионална соработка за последиците од климатските промени во тој регион.
Податоците за Западен Балкан укажуваат на „напредување на суптропска клима кон север при што крајбрежните и јужните подрачја ќе бидат исклучително топли и суви за време на летниот период, кој според очекувањата, до крајот на векот ќе трае еден до два месеци подолгот“.
До крајот на векот, растот на температурите на подрачјето на Западен Балкан може да биде алармантен, затоа што може да надмине пет степени Целзиусови во зависност од резултатите од глобалните настојувања да се намали емисијата на штетни гасови, се вели во студијата на Советот за регионална соработка.
Анализите за климатските промени во регионот потврдуваат дека здравјето на луѓето и квалитетот на живот во голема мера се чувствителни на природни непогоди и загубите поради временските прилики, а утврдени се и секторите во кои ќе се почувствува нивното најголемо влијание.
Најтешки последици ќе има во земјоделството, потоа во шумарството, водните ресурси и здравјето на луѓето. Зголемен е бројот на топлотни удари и продори на заразни болести.
