Ќе има поевтини сметки за парно, еве како...
Го намалуваме ДДВ за парно греење од 18% на 5%, објави премиерот Зоран Заев на Фејсбук.
Ова е мерка од која граѓаните ќе имаат бенефит. Наведува дека секое семејство, приклучено на централното парно греење со стан со просечна квадратура, ќе добива пониска сметка за околу 220 денари месечно, што е годишна заштеда од скоро над 2.600 денари.

„Со оваа мерка сакаме да ги мотивираме граѓаните да не се исклучуваат од системот на централно парно греење во Скопје, а верувам дека ќе биде причина и да се вратат дел од оние 14.000 семејства кои се исклучиле од 2012 година до сега. Во исто време очекуваме да се приклучат нови 10.000 домаќинства. Системот на парно греење нуди и најголема енергетска ефикасност, односно има најмала емисија на јаглерод диоксид, а се надеваме дека во скоро време сите граѓани на Република Северна Македонија ќе имаат можност да се приклучат на греење на гас“, пишува Заев.
Премиерот додава дека со оваа мерка се поблиску до својата цел, а тоа е заштита на животната средина и повеќе пари за граѓаните.
Претходно граѓаните имаа забелешки во однос на сметките за парно, а Македонија цела зима се соочува со високо загадување на воздухот.
