Ќе има ли обединување на Албанците до 2025 година?
Некои од српските медиуми пишуваат дека премиерите на Албанија и Косово, Еди Рама и Рамуш Харадинај договориле соединување на двете земји.
Според нив, и министрите за надворешни работи ќе започнат да работат на изработка за заедничка стратегија за обединување на Албанците до 2025 година. Косово е уморно од чекање на визната либерализација, а Албанија не може бесконечно да чека влез во ЕУ.
„Врз основа на своите права Косово го очекува донесувањето на одлуките од страна на институциите на ЕУ, но Косово не може постојано да ги чека другите и го затвора процесот на трансформација на косовските безбедносни сили”, вели Харадинај.
Покрај спогодбите за либерализација на границите, роомингот и взаемно признавање на границите, двајцата премиери се договорија и за царинските давачки- следните шест месеци царината меѓу Албанија и Косово ќе биде чиста нула, но онаа на северната граница на Косово со Србија нема да се промени, останува 100%.
Рама ја отфрли тенденцијата Србија да не го гледа Косово како независна држава.
Под мотото „Заедно за развој“ денеска во косовскиот град Пеќ се одржа заедничка седница на владите на Косово и на Албанија.
Потпишани се договори за меѓусебно признавање на возачките дозволи, за заедничка царинска контрола на граничниот премин Морина, за јавниот долг и заедничката соработка со меѓународните финансиски институции, за укинување на роамингот, за соработка во областа на младите и за соработка во здравството. Воедно, потпишани и договори за признавање на фитосанитарните и ветеринарни уверенија, за создавање на заедничка Стопанска комора на Косово и Албанија и соработка за признавање на индустриската сопственост.
Албанија ја поддржува косовската блокада на стоки од Србија, со што албанскиот премиер Еди Рама ги прекрши договорите за регионална соработка, изјави денеска српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ.
Рама рече дека иднината не се гради со ножеви во грб.
Косовскиот премиер Харадинај, во пресрет на седницата рече дека договорите ќе придонесат за обединување на економиите на двете земји.
Српските медиуми и претходно пишуваа за можно обединување на двете земји.
