Економија, финансии, бизнис

Контакт

Ќе има ли нова албанска политичка партија во Македонија од ноември?

Ќе има ли нова албанска политичка партија во Македонија од ноември?
Деновиве, кога во јавноста стана секојдневна тема појавувањето на новиот политички субјект на Албанците, а не стивнуваат ни разните шпекулации, за да се расчистат овие дилеми и дискусии, порталот „Алмакос“ успеа да стапи контакт со еден од основачите на овој нов политички субјект ка Албанците. Се работи за Зеќирија Ибрахими, научен работник во Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во Скопје. И покрај тоа што основачите на овој субјект уште не одлучиле да се појавуваат низ медиумите, Ибрахими прифатил да одговори на барањето на овој портал за еден краток разговор, со единствена цел да се расчистат некои нејасности, но и неизвесноста околу формирањето на новиот политички субјект. Интервјуто на македонски јазик во продолжение: Алмакос: г. Ибрахими, долго време се зборува за формирање на новиот политички субјект на Албанците во Македонија. Кога ќе се појави? З. Ибрахими: Бргу... И тоа, кога велам бргу, мислам на денови, евентуално недели се во прашање до иницијативниот одбор. Но, не е ова најважно. Ние веќе долго време се подготвуваме за тоа... Така веќе две години работиме откога сме влегле во оваа иницијатива, така да ако треба да се чека уште некој ден, сигурно тоа нема да менува квалитативно во нашата агенда. Дотолку повеќе што ние не се замислуваме себеси за политички спринт. Бидејќи мислиме да работиме на долги стази, ништо не ни ја менува агендата па да се растрчаме. Алмакос: Кој ќе биде идентитетот на новиот субјект? Поконкретно, што ќе ве разликува вам од ДУИ, ДПА... и другите политички опции? З. Ибрахими: Видете, Албанците во Македонија – можеме да кажеме – веќе се изморени од политичките агенди и ветувања кои сите наликуваат една на друга. Ако направиме еден краток осврт на пристапот со кој нашите претходници стапиле на политичката сцена кај Албанците, ќе видиме дека тие се разликуваат само по тоа како артикулираат едно или друго прашање. Во суштина тие се исти. Едниот вреска, додека другиот шепоти. Всушност, ни едниот ни другиот не кажуваат нешто неочекувано! Или, во одредени ситуации зборуваат за патриотизам, нормално кога се помеѓу Албанците, а зборуваат за унитарна Македонија кога се со Македонците. Ова е дволичност, на која ве уверувам дека ние ќе му ставиме крај. Значи, ние ќе бидеме првиот политички субјект на Албанците во Македонија кој ќе се идентификува преку три А: автентичен, што значи дека се појавуваме од нашите домашни потреби; автохтонен, бидејќи се формира од наши домашни капацитети; и автономен, бидејќи е потполно независен субјект од внатрешни или надворешни фактори. Ние ќе бидеме албанско движење, што се раѓа првенствено за унапредување на позицијата на Албанците во Македонија. Алмакос: Иако вие зборувате на ваков начин, повеќе месеци во јавноста не стивнуваат, да кажеме, и обвинувањата дека вие ќе бидете огранок на партијата на турскиот премиер Давутоглу или Претседателот Ердоган. Поконкретно: дали сте вие „ердоганистите“ на Македонија? З. Ибрахими: Видете, ова е една дебата, која ние сме ја прифатиле и разбрале како клевета и измислица, па не сме сакале воопшто да се занимаваме со тоа. Како прво, крајно нелогично е една странска партија да формира свој огранок во Македонија, како второ уште понелогично е една домашна партија да бие огранок на еден странски субјект и, како трето – што мислам дека е најважно, класификацијата како „ердоганисти“ личи на марксистичката школа на агитација и пропаганда, која сака да ги изгори сите за кои мисли дека се „опасни“. Сепак, за жалост на тие кои клеветат и измислуваат, оваа клевета не е прифатена сериозно од Албанскиот народ во Македонија, дури таквите квалификации никој веќе не ги прифаќа како сериозни, особено кога се има во предвид од каде доаѓаат. Алмакос: А зашто вие мислите дека сте најзаслужни за албанската кауза во Македонија? Нели ова е малку повеќе амбициозно и, дотолку повеќе, нескромно и препотентно, а згора на тоа вие никогаш не сте биле на власт за луѓето да можат да ви веруваат дека сте поинакви? З. Ибрахими: Ако на ова му пристапувате со секојдневната политичка диоптрија во Македонија, може така да сметате, но кога се има во предвид дека ние ќе бидеме организација потполно различна од тие што се досега изградени, мислам дека тогаш не би мислеле така. Вистината е дека ние влегуваме на политичката сцена со луѓе кои немаат страв од своето минато или немаат ни зрнце неуспех, било од интелектуален аспект, бидејќи меѓу нашите редови немаме никого со сомнителни дипломи и образование, било на професионален план, бидејќи секој од нас во својата професија е истакната личност, било на морален план, бидејќи кај нас никој не носи со себе некоја корупциска афера или со некој аморален чин. И, последно, ние доаѓаме со долгорочна визија и со настојување дека само политичари како нас умеат и можат да произведуваат успешна политика во Македонија. И за ова стрпете се малку, само неколку денови, па потоа и вие сами, како и сите Албанци, ќе може да се уверите. Ќе видите дека нашите фигури се потполно различни од тоа што сте ги виделе досега. Не може да се дозволи уште со албанската политика во Македонија да владее некој што главна цел има своја кариера и лично збогатување. Не може и не треба да се дозволи веќе со Албанците кај нас да владеат тие кои единствена храброст имаат кога ги уценуваат и преплашуваат граѓаните од својата населба, а во Владата ни збор не смеат да кажат. Не може веќе политички водачи на овој народ да бидат луѓе со толку сиромашно интелектуално ниво. Затоа, бидејќи сме посебни во овој поглед и со оглед на фактот што просечната возраст на основачите на овој субјект е 35-40 години, ние сме убедени дека единствениот спас на Албанците во Македонија се Албанците со солидно интелектуално формирање, без валкано минато и со визија и волја за регулирање на албанското прашање во Македонија. Алмакос: Иако ги наборивте овие доблести, треба да интервенираме и со едно прашање. Освен овие карактеристики, за кои вие мислите дека ги имате, што друго ќе ве разликува од другите субјекти во Македонија? Зашто мислите дека вие ѝ недостасувате на сцената? З. Ибрахими: Тоа што нè разликува од другите веќе ко кажав, а тука можам да додавам дека ние сме субјект кој стапува на сцена само по обработување до детали на албанското прашање во Македонија, притоа консултирајќи се со значајни интелектуални и политички фактори во земјата, но и во Косово и Албанија. Ние сметаме дека тоа што нам не разликува од другите, значи освен тоа што веќе го реков, е и визијата и волјата. Бидејќи има многу Албанци во Македонија кои сакале да направат нешто добро, но или не знаеле или нивната желба завршил без жртвување и без резултати. Или пак завршиле како жртви на различни уцени, досиеја, скандали или тендери. Ние имаме визија како да го направиме ова, имаме волја која по никоја цена да не ја изгубиме и имаме млади луѓе кои можат да ја понесат на свој товар овој идеал. Алмакос: И... што ќе направите? З. Ибрахими: Тоа ќе имате можност да го видите многу бргу. Бидејќи сме во завршна фаза пред објавување на нашата политичка програма, не можам да откријам повеќе детали, но ве уверувам и ви ветувам дека нашата програма е крајно серозна, долго време проучувана и испланирана не како фолклорна идеја, која денес се кажува и птооа се заборава, но како спроведлива и ефективна програма. Освен квалитативното унапредување на правно-уставната позиција, заснована на слобода, рамноправност и правда, кои ќе бидат основните начела на нашето политичко дејствување, ние ќе стапиме на сцена и со детална економска програма, која посебно ќе се осврне на вработување на младите Албанци, но и на унапредување на социо-економскиот статус. Ќе работиме на Албанците а им се врати достоинството и гордоста во оваа земја, бидејќи никој нема право да ги дискримира нив, како што се прави сега. Алмакос: Сепак да не заборавиме дека на сцена имаме и два други албански субјекти. Која е вашата претпоставка за нивната судбина? З. Ибрахими: Видете, ние не излегуваме на сцена како сезонска партија. Ние доаѓаме на политичка сцена во Македонија да изградиме една нова политичка мисла, да ја вратиме надежта на Албанците и, покрај сите неуспеси, постои можност за инсталирање на новата политичка волја, која несомнено ќе произведе политички резултати за Албанците во Македонија, но и за цела Македонија воопшто. За нас единствен успех не се само победите на избори, за што сме убедени дека нема да недостасуваат, но ние мислиме дека најголем успех ќе биде опоравување на системот на вредности, кои се многу оштетени во овие 20 и повеќе години во Македонија. А што се однесува на другите албански политички субјекти, се што можам јас да кажам е помалку од тоа што го кажуваат самите тие со нивните неуспеси. Тие веќе се преобразиле во приватни претпријатија или акционерски друштва, па не знам дали имам право да давам мои квалификации. Алмакос: И сосема на крај, може ли да ни кажете како ќе се вика новиот субјект? З. Ибрахими: Ова е прашање што треба дополнително да се разгледа од Иницијативниот одбор, иако веќе сме се договориле како ќе се вика. Но, едно можам да ви кажам – дека нашиот субјект нема да се именува со „партија“. Ние ќе бидеме Движење, кое ќе се идентификува со политичко дејствување, граѓански акции, јавни дебати и политичка академија. Ве уверувам дека ќе бидеме посебни, успешни и дека иднината на Албанците во Македонија е со нас.
Слично

Поврзани вести