Економија, финансии, бизнис

Контакт

Ќе има ли мрсна дивиденда?„Усје“ го цементира профитот, стигна до 15,6 милиони евра

Ќе има ли мрсна дивиденда?„Усје“ го цементира профитот, стигна до 15,6 милиони евра

Компанијата има импресивен раст на приходите од продажба и дури изненадувачки помал раст на оперативните расходи

Скопската цементарница „Усје“ има профит од 15,56 милиони евра за првите девет месеци годинава и добивката годинава е повисока за 17 отсто односно за 2,2 милиони евра во споредба со лани, пишува во консолидираниот деветмесечен извештај на таа компанија. 

Податоците покажуваат дека „Усје“ за девет месеци има 3,2 милијарди денари приходи од продажба што во споредба со истиот период лани претставува раст од 207 милиони денари односно 7 отсто. Со оглед на тоа дека продажбите на домашниот пазар се на статус кво и изнесуваат 2,385 милијарди денари целиот раст на профит компанијата го гради на извозната стратегија. Извозот достигнал 816,5 милиони денари. 

Додека приходот од продажба пораснал за 207 милиони денари, оперативните расходи на компанијата пораснале за 65 милиони денари односно за 3 отсто. Тие на крајот на септември изнесуваат 2,268 милијарди денари.  Очигледно дека менаџментот успеал одлично да го масимизира профитот и да ефикасно да ги контролира трошоците од работењето. Најголемата расходна ставка се трошоците за суровини и други материјали кои изнесуваат 1,04 милијарди денари и се повисоки за 16 отсто во однос на истиот период лани. Растат и услугите со карактер на материјални трошоци и тоа за 14 отсто до износ од 370,4 милиони денари. За сметка на тоа компанијата радикално ги скратила трошоците за набавна вредност на трговски стоки и тоа за 29 отсто до износ од 340 милиони денари што е кратење од 140 милиони денари. Оперативната добивка надминала една милијарда денари и во споредба со лани е повисока за 135 милиони денари односно 15 отсто. 

Финансиските приходи на „Усје“ се 16,7 милиони денари и во однос на лани се пониски за 5 отсто. Многу е важно тоа што годинава компанијата успеала да ги скрати финансиските расходи за 93 отсто до износ од 1,5 милиони денари за девет месеци. За истиот период лани тие изнесувале 22 милиони денари. Овој податок покажува дека „Усје“ годинава веројатно нема трошок за камати од кредити.

Ќе има ли „мрсна“ дивиденда?

Инвеститорите знаат дека „Усје“ може да даде добра дивиденда. Да се потсетиме : во 2014 година исплати 50 милиони евра, а лани исплати уште 24 милиони евра. Најголем акционер во „Усје“ е холандската подружница на грчаката компанија „Титан цемент“ еден од најголемите европски производители на цемент, која поседува 95 отсто од акциите. Останатите 4,9 отсто се во рацете наповеќе од двесте домашни акционери – физички лица.

Повеќе на темава на следниот линк Македонскиот пазар конзумирал цемент  од „Усје“ за 50 милиони евра!


Слично

Поврзани вести