Ќе им секне ли „медовината“ на малите хидроцентрали?
Дали има сомнеж во владиното решение со кое не се ограничува бројот и инсталираниот капацитет за мали хидроцентрали кои добиваат бенефицирани цени од државата? Дали е проблем тоа што Кочо Анѓушев ги креира политиките во енергетиката вклучително обновливите извори и е сопственик на мали хидроцентрали? На оваа тема две еколошки невладини организации доставиле жалба до Европската енергетска заедница со седиште во Виена
Две невладини организации доставиле жалба до Енергетската заедница со седиште во Виена во која бараат да се ограници бројот на мали приватни хидроцентрали во нашата земја кои добиваат цена за произведен мегаватчас од 120 евра (за споредба пазарната просечна цена за мегаватчас купен на берза е околу 50 евра). Двете невладини организации се „Еко свест“ и „ЦЕЕ Банквоч нетворк„ (CEE Bankwatch Network) и двете имаат предзнак на организации кои во својот фокус ја имаат екологијата и заштитата на животната средина.
Нивните аргументи се однесуваат на тоа дека регулативата за изградба на мали хидроелектрани не интегрира доволно високи стандарди за заштита на животната средина во која се градат мали хидроцентрали. Заради тоа утврдиле дека регионов, вклучително и нашата земја има слаба регулатива и превенција за заштита на животната средина на локации каде се градат централите.
Екологистите особено се засегнати од ново законско решение (од февруари годинава) со кое се остава простор за изградба на неограничен број мали хидроцентрали со инсталиран капацитет кој не надминува 10 мегавати и за тие централи има бенефицирани цени во форма на фидинг тарифи.
Цената што сега се плаќа на најмалите хидроцентрали (проиведен капацитет до 85 мегават часови) е 120 евра за проиведен мегават час електрична енергија и таа е одобрена од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Во земјава има вкупно 79 повластени производители на хидроенергија, а уште 30 централи се во изградба и треба да бидат пуштени од 2019 до 2021 година.
Екологистите реагираат и на тоа дека, според нив, нема баланс меѓу повластените производители од вода (мали хидроцентрали), централи на сонце и централи кои произведуваат енергија од ветер затоа што кај хидроцентралите е неограничен бројот на нови кои може да се изградат, додека тоа не случај кај сончевите и ветерните централи.
Давор Пехчевски, преставник на „Еко свест“ во своја изјава што ја пренесува реномираниот енергетски магазин „Енергетика.НЕТ“ вели дека фрла сомнеж тоа што Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски и енергетски прашања е директно вклучен во креирање на условите во кои работат обновливите извори за производство на електрична енергија, а истовремено од друга страна е сопственик на фирми кои стопанисуваат со мали хидроцентрали кои имаат бенефицирани цени.
Р.Ф.