Економија, финансии, бизнис

Контакт

Ќе добие ли „Македонијатурист“ нов „коалициски“ директор?

Ќе добие ли „Македонијатурист“ нов „коалициски“ директор?

Новите големи акционери во „Македонијатурист“, кои досега вложија над 50 милиони евра во акции на најголемата хотелиерска компанија, се исправени пред голем предизвик. Треба да ги усогласат своите желби, потреби и очекувања и да постават нова заедничка управа. А при тоа е неминовен компромис кој треба да биде резултат на меѓусебна почит и разбирање. Затоа што никој не е доволно голем или силен да го наметне своето на другите.

За неполни две седмици од сега претстои голема промена во најголемата македонска хотелиерска компанија „Македонијатурист“. На претстојното акционерско собрание ќе биде избран нов Надзорен одбор. Со тој чекор по автоматизам ќе се создадат услови за избор на нов управен одбор.

Со други зборови по четири децении власт во „Македонијатурист“ семејството Таневски го губи приматот. Епилогот е логичен и очекуван откако Доне Таневски најголемиот досегашен поединечен акционер ги продаде своите акции и тоа по највисока односно ексклузивна цена, а за тоа веќе пишувавме и повеќе детали има на следниот линк https://faktor.mk/koj-kje-go-sobere-kajmakot-a-koj-kje-go-obere-bostanot-vo-makedonijaturist

Што претстои во „Македонијатурист“?

По бројните трансакции со таа акција во периодот ноември – декември сега сопственичкара структура во „Македонијатурист“ е значајно поразлична од тоа што беше. Влегоа вкупно 12 нови крупни акционери (од нив девет се домашни фирми, три се домашни физички лица и една е странска фирма). Од домашните девет акционери пет се најголеми и тие се: „Скопски пазар“, „Промедика“, „М.Г. Фешн“ Симеон Павлов и „Чеза комерц“. Помали од нив, а нови акционери се „Современ дом“, Павел Анѓелов, „Смелт Инг“, “Интер протект“, „Промедика Офталмологија“ и чешката компанија „ИЦС Системи“.

Сите овие горенаведени нови акционери поседуваат над 333.000 акции од вкупно нешто над 407.000 акции со право на глас и тие ќе го имаат одлучувачкиот збор за тоа во кој правец ќе се движи „Македонијатурист“ по 17 февруари, за кога е закажано новото акционерско собрание.

Сега останува да се види како новите акционери ќе се договорат околу тоа кој ќе биде нов директор на „Македонијатурист“. А најава за тоа чиј збор ќе се слуша ќе биде составот на новиот надзорен одбор што ќе се изгласа на претстојното акционерско собрание.

Имено, свежи се сеќавањата за предлозите за членови на Надзорниот одбор. Се сеќаваме дека дури и зачудувачки и надвор од вообичаената рутина која владее при конституирање органи на управување, секој од тројцата големи акционери: „Чеза Комерц“, „Промедика“ и „М.Г. Фешн“ предложи по 4 члена. Односно по еден кандидат за секое од четирите места во Надзорниот одбор. Само „Скопски пазар“ како најголем поединечен акционер тогаш остави впечаток дека е глас на разумот меѓу новите акционери и предложи само еден кандидат за четворочлениот Надзорен одбор. Нивната порака беше секој од четирите најголеми акционери да номинира по еден претставник во новиот надзорен одбор.

Постојат разновидни комбинации и калкулации за тоа како и кој за кого или против кого ќе гласа на претстојното акционерско собрание. Затоа што до сега акционерите не пратија порака во инвеститорската јавност дека имаат консензус за тоа кој ќе биде нов директор на компанијата.

„Скопски пазар“ кој заедно со „Современ дом“ контролира околу 109.000 акции засега не се наметнува како компанија која ќе одлучува иако има најмногу гласови. Втора по големина групација, според бројот на гласови, е „Промедика“ која заедно со гласовите на уште две фирми и на едно физичко лице контролира над 80.000 акции.

Трета група според бројот на гласови е тандемот Симеон Павлов кој воедно е основач и еден од сопствениците на „Чеза комерц“, а тие поседуваат над 76.000 гласови.

Најмал меѓу најголемите е „М.Г. Фешн“ со уште две домашни фирми и тие управуваат со над 68.000 акции.

Сега останува да видиме дали новите големи акционери ќе покажат деловна зрелост и водени од потребата за зголемување на вредноста на нивните вложувања ќе го стават заедничкиот интерес пред личните хирови.

Н.С.

Слично

Поврзани вести