КИТАНОВ ЗА ФАКТОР: Автопатот нема име, за безбедноста полиција на секој чекор
Од денес официјално е пуштен во употреба автопатот Штип- Миладиновци, но трасата допрва
ќе се доработува за што веќе е објавен тендер, вели за Фактор Зоран Китанов, директор на Јавното претпријатие за државни патишта. Затоа, апелира, сите возачи да ги почитуваат сообраќајните знаци и да се внимава на брзината.
Китанов вели дека пречките кои не дозволуваа официјална употреба на автопатот се отстранети, тргнати биле сите недостатоци за кои самиот тврди дека останале од претходната власт.
„Допрва ќе се доработува трасата на автопатот, но проблемите со кои се соочувавме при доработка на автопатот ги отстранивме и истиот од денес граѓаните слободно ќе може да го користат. Инаку, потенцирам дека возачите мора да ги почитуваат сообраќајните правила и да не го испробуваат новиот пат со брзина од 200 километри на час. Поради тоа на патот ќе има силно полициско обезбедување“, вели Китанов за Фактор.
Кога го најави, поранешниот премиер Никола Груевски во 2013 година рече дека автопатот од Миладиновци до Штип ќе се вика „Гоце Делчев“. Сепак Китанов сега вели дека конечното име не е утврдено. Гоце Делчев останува опција, но името конечно не се знае.
„Засега ние си го викаме автопат „Штип-Миладновци“, а за неговото официјално име ќе видиме понатаму како ќе биде“, вели тој.
На прашањето кога и дали ќе има официјално сечење лента, Китанов рече дека тоа е работа на Владата и кинеската амбасада.
Инаку, кога се пушташе во употреба автопатот Демир Капија-Смоквица имаше и трубачи, а дел од претставниците на Влада и гостите на чело со Китанов заиграа и оро.
Н.М.
