Кирил Миноски: Миниманата плата не е достоинствена, замената на локална со странска работна сила не е решение
Поранешниот министер за финансии, Кирил Миноски, во емисијата „Бизнис21“ на ТВ21, оцени дека минималната плата во Македонија е ниска и не обезбедува услови за достоинствен живот, особено за семејствата кои се потпираат само на овој приход.
Според Миноски, потребно е да се најдат решенија кои истовремено ќе придонесат за зголемување на животниот стандард на работниците и подобрување на нивната општа благосостојба.
„Несомнено, минималната плата во Северна Македонија е ниска. Ако, на пример, во едно семејство има двајца членови кои работат за минимална плата, тешко можеме да зборуваме за достоинствен живот за тие семејства“, нагласи Миноски.
Тој проценува дека зголемувањето на минималната плата треба да се прави внимателно и на таргетиран начин, особено во најпогодените сектори и каде што платите се пониски, за да не се загрози економската стабилност и одржливост на компаниите.
Во овој контекст, поранешниот министер нагласи дека Владата треба активно да се вклучи во процесот на трипартитен социјален дијалог меѓу државата, работодавачите и синдикатите, со цел да се најдат заеднички и одржливи решенија.
Миноски, исто така, предупреди дека практиката на „замена на локалното население со друга работна сила“ како одговор на недостигот на работна сила не дава позитивни резултати на долг рок, подвлекувајќи дека фокусот треба да биде на одржување и подобрување на условите за локалната работна сила.
Оцени дека проектот „Мој ДДВ“ е добра иницијатива, бидејќи дел од средствата собрани од данокот на додадена вредност се враќаат директно на граѓаните.
Според него, овој проект испраќа позитивна порака до граѓаните кои редовно плаќаат даноци, охрабрувајќи ги да бараат и собираат фискални смегтки.
„На овој начин, се испраќа добра порака до луѓето кои плаќаат даноци. Вториот сегмент е поврзан со контролата во даночната сфера, но за да се почувствуваат сите позитивни ефекти од овој проект, особено во однос на контролата и издавањето фискални сметки, потребно е целосно да се дигитализира работата на Управата за јавни приходи, во координација со другите институции“, рече Миноски.
Тој нагласи дека само преку напреден и меѓусебно поврзан дигитален систем може да се подобри фискалната контрола и да се зголеми ефикасноста на даночната администрација.
