Киријата на Шеќеринска стигна и до Белград, а џипот – тема во Скопје
Брендот за кредитни картички „Дајнерс“ бара од македонските политичари да не го уриваат угледот на компанијата. Управниот одбор на „Дајнерс клубот“ за Србија, Црна Гора и Македонија, со седиште во Белград, застана зад извршниот директор на „Дајнерс клуб Македонија“ и сопруг на Радмила Шекеринска, Божидар Јанковски, во наводната афера со киријата од 5.317 евра која на име станбени трошоци тој ја добивал од компанијата во која работи.
Регионалниот центар на „Дајнерс“ во соопштение, испратено до „Утрински весник“, пишува дека „Дајнерс клуб Македонија“ е пример за странски инвеститор кој веќе две децении успешно работи во Македонија, во согласност со сите домашни закони и правила на меѓународниот франшизен договор со „Дајнерс клуб интернешенел“ (Чикаго, САД)“.
„Од компанијата, која вложувала и вложува во македонската економија, ги повикуваат сите политички и медиумски субјекти да не го уриваат нејзиниот имиџ кој е граден со години. Со тоа се создава лоша слика кај сегашните и идните странски инвеститори во Македонија“, стои во соопштението.
Владејачката ВМРО ДПМНЕ денеска повторно побара отчет од пратеничката на СДСМ Шеќеринска за киријата од 5.317 евра која ја добивала за стан во кој таа и семејството живеат. Истовремено, ја запрашаа и чиј е џипот со кој таа доаѓала на работа и зошто тој не бил пријавен во нејзиниот анкетен лист.
„Во текот на вчерашниот ден на дел од медиумите беа покажани фотографии од луксузен и нов џип во кој вие често се возите. За волја на вистината тој џип често го гледаме на паркингот на Собранието. Сме виделе и дека го возите, но и дека понекогаш ве возат, госпоѓо Шекеринска“, рече пратеничката на ВМРО ДПМНЕ Светлана Јакимовска, тврдејќи дека возилото не е пријавено во информацијата за имотната состојба на нејзината колешка.
Шеќеринска, пак, демантира дека поседува луксузен џип.
Слично
