Кирацовски: Власта е фатена во уште еден сомнителен милионски тендер
Александар Кирацовски, дополнителен заменик на министер за информатичко општество и администрација денеска на прес-конференција обвини дека власта е фатена во уште еден сомнителен милионски тендер, со компанија блиска до фамилијата на власт.
Тврди дека екс министерот, Иво Ивановски, дозволил да отидат скоро милион евра народни пари на сметка на фирмата Виста Груп, за проектот Интероперабилност, иако фирмата не го испочитувала договорот склучен со министерството.
„Станува збор за проектот што беше помпезно најавуван т.е. систем за меѓусебна размена на податоци помеѓу државните институции. Постојат документи, изготвени директно од ова Министерството, во коишто се констатира дека: Виста Груп, зела скоро 1 милион евра, а не го исполнила договореното што е противзаконски. За овој проект не постои ниту записник за примопредавање, затоа што никој не сакал да преземе одговорност за овој криминал. Виста Груп не го испочитувала, ниту рокот за реализација на проектот, а и покрај тоа министерството не ја активирала банкарската гаранција, што е спротивно на договорот и на штета на граѓаните. За сето ова постојат документи“-рече Кирацовски.
Според него, скандалот е толку голем што за овој срамен криминал биле свесни сите во министерството и во останатите институции вклучени во проектот, па и Владата.
Додава дека како добро организирано злосторничко здружување, наместо да ги отстранат неправилностите или да ги информираат органите на прогон, тие пробале тоа добро да го затскријат со доверливи и тајни документации, реорганизација на работењето и нови дополнителни инвестиции за спроведување на веќе исплатениот проект.
