Кирацовски со кривична против министерката Maрта Томовска
Дополнителниот министер за информатичко општество и администрација,Александар Кирацовски поднесе Кривична пријава против министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска.
Причина за поднесената кривична пријава како што соопштуваат од кабинетот на Кирацовски е обид за незаконско вршење на притисок врз вработените во министерството.
„Дописот во кој што им наложува на вработените, веднаш да престанат да доставуваат документи до мене како дополнителен заменик министер и до мојот кабинет е противзаконски.
Со него министерката ги наведува и вработените во Министерството на кривично дело.
Министерката Арсовска Томовска со овој допис нанесува директна штета на нормалното и законско функционирање на министерството“, изјави Кирацовски.
„Според Законот за Влада дополнителниот заменик министер има право на неограничен пристап до сите акти, документи и информации што му се достапни на министерот и вработените во министерството, на барање на дополнителниот заменик министер СЕ ДОЛЖНИ да му ги достават“,регира Кирацовски.
Тој посочува дека податоците што ги обелоденил ја вознемириле власта, и ако не го спречеле апсурдното оценување, стотици административци ќе биле или избркани од работа, или парично казнети!
Кирацовски вели дека со обидот на Министерката да спречи дополнителниот заменик да има увид во документи што по закон му следуваат направила дело за кое кривично се одговара.
„Очекувам обвинителството да ги земе предвид фактите во пријавата и да отвори истрага за стореното кривично дело“, истакна дополнителниот заменик министер.
