Кирацовски:Груевски дозволил спорни тендери преку кои се одлеале народни пари
Никола Груевски од позиција на премиер знаел и молчел, значи дозволувал, спорни и незаконски тендери преку кои се одлевале милиони евра народни пари во фирми блиски до неговите најблиски соработници, изјави денеска Александар Кирацовски, дополнителен заменик на министер за информатичко општество и администрација.
Објаснува дека доказ за тоа е владиниот документ, насловен како „Информација за функционирањето на МИОА од 2007 до 2012 година“ во кој што се потврдуваат сите индиции за сериозните криминали во министерството што ги обелоденивме. Документот е направен и потпишан од еден од најблиските соработници на Груевски, вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, вели Кирацовски.
„Токму во фирма на братучед на министерот Зоран Ставрески која беше дел од конзорциумот за реализација на проектот Интероперабилност, завршиле 850.000 евра. Илјадници евра во фирми блиски до власта завршиле и за проектот психолошки тестови за администрацијата и софтвер за тестовите. Во фирма на сопственикот на Алфа ТВ, поврзана со кумот на Мијалков, завршиле 15 милиони долари за дел од проектот Компјутер за секое дете. Сето тоа одело преку Иво Ивановски и Марта Арсовска-Томовска. Четири години досега Груевски знае и молчи за наодите на Пешевски во овој владин документ, нелогично назначен како „доверлив“, со оглед на информациите од јавен интерес. Се поставува прашањето дали Груевски ја нарачал анализата на сомнителните тендери во МИОА преку неговиот послушник Владимир Пешевски за да обезбеди молк од соработниците? “ - нагласи Кирацоски.
Тој вели дека по сево ова јасно е зошто претседателот Ѓорѓе Иванов донесе одлука за аболиција по нарачка на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ.
