Разврска во Фершпед: Штерјо Наков останува главен, Кираца Трајковска излегува од Надзорен!
Доминантното место на Штерјо Наков во Надзорниот Одбор на Фершпед се цементира. Мнозинството акционери денеска му изгласаа доверба. Експресно заврши вонредно акционерско собрание во Охрид, свикано од Кираца Трајковска, која сепак не беше присутна на ова собрание. Трајковска беше отповикана од Надзорниот одбор, а на нејзино место е поставен Љубомир Давидовиќ. Токму Давидовиќ пак од друга странае човекот кој таа го предложи за член во одборот. Реизбрани денеска беа и останатите членови на Надзорен.
Ниту еден предлог од адвокатот Венцислав Гушев, инаку застапник на странскиот фонд Квест инвестментс, Војводинска банка и Драгослав Димевски, не беше прифатен поради што тој најави преземање на сите правни средства со цел да ги оспори одлуките донесени на собранието. Истакна дека останува на ставот независна ревизорска куќа да изврши ревизија на работата во најголемата шпедитерска компанија во земјава -Фершпед.
Кој ќе биде претседател на Надзорниот Одбор ќе се одлучува допрва.
Штерјо Наков со синовите сега има 25% од акциите во Фершпед, додека Кираца Трајкавска преку Консалтинг инвестментс син ДОО само 11,9 проценти. Други поголеми акционери се Драгослав Димевски со 5% и странскиот фонд Квест инвестментс со 2,8 %.
Времето ќе покаже дали е ова конечна разврска на превирањата во Фешпед кои траат последниве месеци. Поради тоа, акциите на компанијата кон крајот на 2013 година, од 1000 евра по акција, стигнаа и до 3000 евра. Во меѓувреме компанијата стана и мнозински сопственик на Лотарија.
Слично
