Економија, финансии, бизнис

Контакт

Кипарската влада одобри нов данок на недвижните имоти

Кипарската влада одобри нов данок на недвижните имоти

Кипарската влада одобри нов данок на недвижните имоти, што е еден од условите на надворешните кредитори за доделување на првата транша од меѓународната финансиска помош за оваа островска земја во износ од 10 милијарди евра, соопштуваат медиумите во Никозија.

Се очекува во следните денови предлог законот за новиот данок да влезе во парламентот.

Проектот предвидува постепено оданочување на недвижностите, а ставките на данокот почнуваат од 0,4 отсто и стигнуваат до 1,8 отсто за имоти од над три милиони евра.

Според одредбите во предлог законот, имателите на имоти ќе плаќаат од 50 евра за сопственост проценета по цени од 1980 година на 12.500 евра, до 52.000 евра за имот од над три милиони евра.

За недвижност од 40.000 до 120.000 евра данокот ќе изнесува 305 евра, а од 170.000 до 300.000 евра ќе изнесува околу 1.500 евра.

Според сегашното законодавство во Кипар приближно 78. 000 сопственици на станови се ослободени од плаќање данок на имот, бидејќи според цените од 1980 година нивните домови се во вредност под 120.000 евра и не подлежат на оданочување.

Имаше предлог за даночно оптоварување, што предвидуваше секој имот над 40.000 евра да се оданочи, но тој беше отфрлен. Против него се кренаа хотелиерите и сопствениците на земја, според кои идејата кипарската економија ќе ја втурне во уште поголема рецесија.

Владиниот кабинет сега има цел со новиот данок во државната каса да влезат 75 милиони евра. Владиниот портпарол Христос Стилианидис соопшти дека има цели реони во Лимасол, Никозија и Ларнака, каде куќи вредни милиони евра се без неопходните дозволи за градба.Тој појасни дека владата ќе собере информации за овие незаконски градби и ќе поднесе измени во законот.

Слично

Поврзани вести