Кипар бара излез: Или ќе штеди или ќе банкротира!
Кипарските власти направија чекор напред во решавањето на проблемите со тешката финансиска криза која го зафати Кипар. Властите ги одобрија првите три од осум мерки на Владата со цел да се исполнат условите од Европската унија која треба да даде помош за спас на економија.
Усвоени се мерките за реструктуирање на втората по големина кипарска банка Лаики (Народна банка), за создавање инвестиционен Фонд на солидарноста и за контрола над движењето на капиталот, со што се предвидува ограничување на дел од финансиските трансакции. Со овие мерки, по 10 дена прекин банките во вторник повторно ќе почнат со работа.
Исто така усвоен и законот за реконструирање на банките со кој се предвидува поделба на банките на добри и лоши, за Кипар да може да добие помош. Никозија до понеделник треба да собере 5,8 милијарди евра за да може да добие помош од 10 милијарди евра од еврозоната и ММФ за да избегне банкрот.Пратениците во кипарскиот Парламент треба да расправаат и за серија „тешки“ мерки, како што е прифаќање данок од 10 отсто на банкарските депозити поголеми од 100.000 евра, објави Танјуг.
