Економија, финансии, бизнис

Контакт

Кинески гигант ги направи првите милиони од ветерни турбини во Македонија

Кинески гигант ги направи првите милиони од ветерни турбини во Македонија

Кинескиот гигант за производство и продажба на турбини за ветерници оствари приход од 4,5 милиони евра во првата активна година од своето работење во Македонија. 

Податоците од Централен регистар кои ги има „Фактор“ покажуваат дека Голдвинд Рињуабл Енерџи во 2024 има приход од 273.723.483 денари и остварена добивка од 10.405.926 денари со двајца вработени.

Една од најголемите кинески компании пред две години основаше своја филијала во Македонија. Се работи за можеби најголемиот производител на ветерни турбини во светот. 

„Голдвинд обезбеди нов договор за проект од 43,2 мегавати во Северна Македонија. Проектот ќе биде најголемиот проект за енергија од ветер во земјата во однос на проектниот капацитет и капацитетот на единицата. Покрај услугите за снабдување, транспорт и инсталација на турбини на ветер, Голдвинд ќе обезбеди и сервис за проектот за 15 години“, објави тогаш „Голдвинд“.

Бизнисот на Goldwind опфаќа повеќе од 20 земји. Деветте производствени капацитети низ светот имаат комбиниран производствен капацитет од повеќе од 4.000 турбини на ветер годишно. Повеќето копнени турбини на ветер имаат капацитет од 2-3 мегавати (MW), кои можат да произведат над 6 милиони киловат часови (kwh) електрична енергија секоја година. Голдвинд котира и на Шенженската берза и на берзата во Хонг Конг. Голдвинд САД со седиште во Чикаго служи како седиште за операции во Северна и Јужна Америка.

Останува да се види за кого се ќе работи „Голдвинд“ во Македонија. МЕПСО објави дека интересот за производство на електрична енергија од ветер е со втор најголем интерес, по фотоволтаиците. Имало барање за изградба на ветерници со вкупна моќност од 2.000 мегавати, иако сите барања за приклучок во мрежата не треба да се сватат како сериозни.

Истовремено Регулаторната комисија за енергетика во извештајот објави дека првиот приватен ветерен парк „Богословец“ на Тхор Импекс лани во текот на својата прва активна година од работењето заработи повеќе од 5 милиони евра, односно 313.034.220 денари од повластената тарифа што му ја плаќаме за производство на електрична енергија од обновливи извори.

Овие приходи речиси се вклопуваат со приходите прикажани во годишниот биланс за работа на „Тхор Импекс“ од 385.251.156 денари. Долгот на компанијата за ветерниот парк е 17,5 милиони евра, а официјално работел без ниту еден работник.

Првиот приватен ветерен парк беше пуштен во погон на 24 јануари лани и започна со работа со осум ветерни турбини помеѓу Штип и Свети Николе, а вкупната моќност на ветерната централа изнесува 35 мегавати. 

Иако приватната инвестиција за прв пат од ваков тип беше промотивно најавувана, изостанаа подеталните информации за компанијата пред јавноста. Инвестицијата беше кажано дека ќе чини 61 милион евра и ќе се реализира во општините Свети Николе и Штип. Како управител на Тхор Импекс, според претходни медиумски информации, се јавува Благоја Лазаровски. Компанијата е во сопственост на Б Н Б – КОМПАНИ ДОО експорт-импорт Скопје и Грин фор Гроутх Фонд, Југоисточна Европа СА, СИЦАВ-СИФ, Луксембург.

Власта најави дека „Богословец“ со предвидените осум турбини и моќност од 36 мегавати ќе го удвои постојниот ветерен капацитет во земјата и ќе придонесе кон намалување на ЦО2 емисиите од над 87 илјади тони годишно.

А.К.

Слично

Поврзани вести