Киев не дава аванс, Европа без гас?
Нафтогас Украина смета дека не е во можност да плати додатен аванс за испорака на рускиот гас се додека не биде уверен дека Гаспром ќе ги исполни своите договорни обврски.
Тоа го соопштила прес службата на украинскиот холдинг. Нафтогас очекува разумно уверение дека Гаспром строго ќе го почитува договорот како и Бриселскиот тристран договор, кој го потпишале претставници на Русија, Украина и Европската унија.
Во Нафтогас истакнуваат дека во изминативе два дена Гаспром не ги исполнувал барањата на украинската страна за испорака на однапред платениот гас во рамки на договорените услови.
Конкретно, Гаспром бил обврзан на 22 и 23 февруари да испорача по 114 милиони кубици, но доставил само 47 милиони едниот и 39 милиони кубика другиот ден.
Директорот на Гаспром Алексеј Милер рано утрово изјави дека поради тоа што Укрина благовремено не ја платила претплатата за гас за март, Гаспром за два дена би можел да ги прекине испораките, што би довело до сериозен ризик за транзит на гас во Европа.
Нафтогас на 19 февруари ги прекина испораките на гас во областите на Доњецк и Луганск поради како што е официјално објаснето, оштететна инфраструктура. Подоцна Гаспром започнал испораки во тие региони преку порано утврдени погранични точки на предавањето. Руската компанија тој гас го пресметува во рамки на договорот со Нафтогас.
Нафтогас, меѓутоа тие количини не ги зема предвид бидјеќи смета дека испораките преку нови точки не одговараат на заклучениот договор. Тоа создава основа за несогласување на проценките за потрошувачката на авансот, пренесува Интерфакс.
