Економија, финансии, бизнис

Контакт

Кичево ќе добие помош во греење од Владата, но другите општини да не се надеваат

Кичево ќе добие помош во греење од Владата, но другите општини да не се надеваат
Владата веројатно ќе ги активира стоковите резерви за да му помогне на Кичево со нафта за греење на училиштата, најавува министерот за образование Абдилаќим Адеми. Конечната одлука треба да биде донесена во вторник, но веројатно на општината ќе и бидат отстапени 200-250 тони нафта за греење. Во спротивно, на образовниот процес во оваа општина му се закануваше целосен колапс. Околу пет илјади ученици од две основни и три средни училишта ќе останат дома, ако не се реши проблемот со греењето. И отстапената нафта нема да е целосно доволна и тоа ќе биде само времено решение - на кичевските училишта им се потребни 450 тони нафта, кои градоначалникот Фатмир Дехари призна дека нема пари да ги набави. Сепак, Адеми им порачува на останатите градоначалници да не очекуваат иста интервенција од државата, туку подобро да ги планираат средствата за греење на училиштата. „Тие треба сами при кроење на буџетите да си предвидат повеќе средства во делот на образованието. И училиштата треба навреме да ги започнат постапките и да ги распишат огласите за снабдување со нафта за греење, како и за транспорт на учениците“, вели Адеми. Неговиот заменик Спиро Ристовски вчера најави дека министерството ќе формира и комисии кои ќе испитаат како се трошат парите што во форма на дотации централната власт им ги исплаќа на училиштата за да се обезбеди финансирање на потребите во образовниот процес.  
Слично

Поврзани вести