„Ки Сејфти Системс“ вработува во фабриката во Кичево
Американската компанија „Ки Сејфти Системс“ (КСС) распиша оглас за 100 работни места во фабриката што наскоро треба да започне да работи во Кичево. Во капацитетот лоциран во индустриската зона, ќе се произведуваат воздушни перничиња за автомобили за познати светски автомобилски брендови.
Најпрво бараат менаџерски кадар.
„Во моментов имаме потреба за менаџери, за човечкиресурси, за финансии, инеженери за произвидство, контрола на производство, за квалитет, информатичари, за врски со царина, а исто така и за техничари за шиење и за администрација“, изјави Џим Скарпа, заменик-претседател за глобално производство во КСС.
Заинтересираните можат да аплицираат на е- мејл адреса на компанијата macedonia@keysafetying.com. Во следните месеци, бројот на вработени во фабриката во Кичево треба да достигне 800. Ќе бидат инвестирани 20 милиони евра.
„Платите ќе биде конкурентни на пазарот“, вели Скарпа, без да прецизира во кои рамки ќе се движат.
Според директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски зони Виктор Мизо, не може да се очекува од странските инвеститори во Македонија да даваат плати како во земјите од кои доаѓаат.
„Неспоредлива е продуктивноста, па не може да очекуваме плати за работниците како во земјата од каде што доаѓа инвеститорот. Дообуката на кадарот ќе ја финансира инвеститорот. Таква е и досегашната практика кога се во прашање дообуките на работниците за работа кај странските инвеститори“, вели Мизо, нагласувајќи дека во Кичево засега нема соодветен кадар кој би одговорил на потребите на компанијата, па дообуката ќе биде неопходна.
КСС во Кичево почнува со работа во реновиран стар индустриски комплекс, додека до крајот на годината ќе започне да гради и нов погон за своите потреби во индустриската зона.
Слично
