Економија, финансии, бизнис

Контакт

Ќерко мила, загубата моја е добивка твоја!

Ќерко мила, загубата моја е добивка твоја!
Најголемата македонска компанија на трговија на мало со нафтени деривати, очекувано, прокнижи загуба од 2,1 милиони евра за првите девет месеци. Во истиот период командитното друштво ОИЛКО, во кое најмногу акции има „Макпетрол“, е во добивка од 733.000 евра „Макпетрол“, најголемата компанија за малопродажба на нафтени деривати во земјава очекувано за инвеститорската заедница, објави биланс во кој книжи загуба од 129 милиони денари (над 2,1 милиони евра) во првите девет месеци годинава. Во споредба со истиот период лани загубата на котираното акционерско друштво кое има најголем приход од продажба годинава загубата е поголема за повеќе од три пати. Компанијата бележи драстичен пад на приходите од продажба на домашен пазар и тоа е појава што во континуитет му се случува на „Макпетрол“. Во првите девет месеци годинава „Макпетрол“ има 13,34 милијарди денари приход од продажба на домашен пазар што е 1,5 милијарди денари (24,35 милиони евра) помалку од истиот период лани. Раст бележат само продажбите на странски пазари кои се многу мала ставка во сите приходи од продажба. Годинава изнесуваат 0,59 милијарди денари и е за 0,06 милијарди денари повисок од истиот период лани. На расходната страна на билансот на успех очекувано убедливо најголем трошок е набавката на трговските стоки и таа изнесува 12,5 милијарди денари и таа е пониска за 1,5 милијарди денари од лани. Овде се поставува логичното прашање: дали „Макпетрол“ ја губи својата пазарна позиција или намалените трошоци за набавка на горива се резултат на намалените набавни цени на истите во споредба со истиот период лани? Исходот ќе го има во годишниот извештај и одговорот на прашањето ќе го имаме во март идната година. Доколку се намалени набавните цени тогаш е логично прашањето зошто растат приходите од продажба на ОИЛКО транспортната компанија ако се знае дека „Макпетрол“ е најголемиот клиент на ОИЛКО? Ако „Макпетрол“ ја губи пазарната позиција тогаш е прашање дали менаџментот планира да крати некоја друга расходна ставка. Инвеститорите од поодамна забележуваат дека е преголем трошокот за плати на вработените на „Макпетрол“. И годинава и лани за првите девет месеци тој износ е 660 милиони денари. Тоа значи дека за да продаде деривати набавени за 12,5 милијарди денари „Макпетрол“ инкасира 13,9 милијарди денари. Разликата е 1,4 милијарди денари, а од нив „Макпетрол“ за плати на своите вработени одвојува 660 милиони денари. Дел од инвеститорите ценат дека „Макпетрол“ е превработен и дека менаџментот не се откажува од таа политика токму заради социјален мир во фирмата и зачувување на статус кво состојба затоа што истите тие вработени се и акционери во „Макпетрол“. Наспроти „Макпетрол“ неговото командитно друштво, кое пак е и најголем поединечен акционер во „Макпетрол“ за овој период има добивка од 45,2 милиони денари. Тоа е 15 отсто од сите приходи од продажба на ОИЛКО! И тоа е солидна профитна маргина за која некои други транспортери можат да сонуваат. ОИЛКО годинава во споредба со лани успеал да ги зголеми приходите од продажба за 30 милиони денари односно за 11 отсто во споредба со лани. Наспроти тоа успеал макар и минимално да ги намали оперативните расходи за 2,5 милиони денари до износ од 249,6 милиони денари. Р.Ф.  
Слично

Поврзани вести