Економија, финансии, бизнис

Контакт

КЕМБРИЏ ЗА СЕКОЕ ДЕТЕ: Експериментални глувчиња, на сметка на знаењето?!

КЕМБРИЏ ЗА СЕКОЕ ДЕТЕ: Експериментални глувчиња, на сметка на знаењето?!
Менувањето на  структурата на наставната програма по математика и предметите од природните науки кои од следната учебна година ќе бидат адаптирани и за учениците од седмо до деветто одделение се непотребно и избрзано решение кое нема да даде позитивни резултати, туку влева дополнителна конфузија и кај учениците и кај наставниците-сметаат професорите од Наставничкиот пленум. Математиката и природните науки според нив се едни од најдобро совладаните предмети кои во минатото важеле за сериозна база за понатамошно усовршување, а преку новите учебници велат се случува да се прескокнуваат одредени подрачја кои оставаат големи празнини во знаењата кај учениците. “Ваквите промени, без континуитет, и тоа I, II и III во една година, па потоа IV, V и VI наредната година, доведоа само до  уназадување на образовниот процес. Што се однесува до новите наставни програми по Природни науки во V и VI можам слободно да кажам дека не ги задоволуваат ни минимум образовните стандарди. Ако се земат во предвид и учебниците кои се повеќе сликовници и кои изобилуваат со материјални и научни грешки (дали оригинални или во преводи не можам да коментирам) уште повеќе доведуваат до забуна и незнаење кај учениците. За математика, според компетентни мислења, новите програми се барем за 30 до 40% послаби од претходните, а дури 50 до 60% послаба од програмите во Хрватска, Србија, Бугарија и Словенија. И учебниците по математика изобилуваат со грешки. Новите наставни програми немаат корелација со другите наставни дисциплини. Се на се уништување на децата. Со овие програми нашите деца нема да имаат шанса на меѓународен пазар,  а што се однесува до меѓународните натпревари немаат шанса да освојат ниту едно место”-вели професорка по природни науки од Наставничкиот пленум. Туѓи образовни системи, домашни маки! Досегашните искуства на децата, родителите и наставниците, велат од Пленумот покажале  дека простото пресликување туѓи системи на домашниот образовен терен може да даде проблематичен ефект, бидејќи наставниот материјал што се нуди мора да биде во согласност со фазата на образовен развој на ученикот. Оваа програма предвидува сосема поинаков методолошки пристап од оној по кој досега работеле наставниците, кои многу често ги користат старите учебници за да можат да им ги објаснат и доближат на учениците примерите и задачите по овие според нив суптилни и специфични предмети кои бараат континуите во работата и методолошко  совладување на тематските содржини. “Вака внесени туѓи образовни програми, колку и да се зборува дека се адаптирани, доведуваат само до драстично опаѓање на квалитетот во образованието, што во догледно време ќе биде погубно за Македонија. Конечно може да адаптирате квалитетна програма, а со неквалитетни и не проверени програми и учебници треба да имате волшебно стапче за да постигнете квалитет. Во прилог на претходно кажаното дека ниту програмите ниту учебниците се проверени е фактот дека учебниците по математика за IV, V и VI за прв пат се издадени на англиски јазик во 2013 год. А учебникот за природни науки за VI одделение за прв пат е издаден во 2014 год. Од ова на памет ми паѓа дека нашите деца се користат како експериментален полигон, од надворешен фактор, бидејќи невозможно е еден исти автор во една година да напише најмалку 3, а можеби и повеќе учебници и истите да се квалитетни” –додава професорката по природни науки од Наставничкиот пленум. Надлежните уверени дека ќе продуцираат генијалци и научници! Надлежните  уверуваат дека има упатства за планирање на наставата, посебна  “спирална” настава со која учениците учат одредена тема па им  се дава можност да се вратат на истата и да ја изучуваат на повисоко ниво. Во предметот математика ваквиот пристап се користи во второто полугодие и во секое наредно одделение, а за природните науки навраќањето кон веќе поминатиот материјал  е на секои две години.  Пристапот кон новите содржини според нив  е системски и е мониториран  од експерти од  Меѓународниот центар за наставни програми од Кембриџ, кои ја следат и  евалуираат планираната настава како и постигнувањата кај учениците. Првиот договор за соработка со Меѓународниот центар за наставни програми на Кембриџ за воведување на новите наставните програми по „математика“ и „природни науки“ на национално ниво беше потпишан во 2013-та година.  Програмите првично беа имплементирани за учениците од прво до трето одделение, а во следната фаза и за учениците од четврто до шесто одделение. Со последниот договор  процесот беше заокружен за учениците од седмо до деветто одделение кој според надлежните на учениците  ќе им овозможи полесен пристап до знаење и истражување, ќе поттикне  интеракција и самодоверба како и самостојност да дојдат до решение.    
Слично

Поврзани вести