КЕМБРИЏ ПРОГРАМА: Добра за светот, шокантна за Македонија!?
Кембриџ програмата се имплементира кампањски и без доволни подготовки
Наставните програми и учебници од Кембриџ, по математика и природни науки кои ќе почнат да се применуваат и во средното образование со што треба да се заокружи образовната реформата која беше воведена пред три години, се имплементираат без доволни подготовки и кампањски-вели за Фактор пратеничката Солза Грчева. Целиот процес вели има низа проблеми во спроведувањето , прилагодувањето и адаптирањето на наставните содржини кои според неа треба да ги прават искусни луѓе од академската заедница заедно со наставниците кои ја имплементираат програмата.
“Оваа програма се имплементира во кус период, без доволни подготовки и кампањски. Во овој процес гледам неколку проблеми. Прво, дали се добро адаптирани наставните содржини? Од она што го видов и слушам од наставниците, мислам дека има пропусти. Адаптацијата треба да ја прават искусни луѓе од академската заедница, заедно со наставниците кои ја имплементираат програмата. Втор проблем е што, ако ја погледнете Кембриџ програмата, таа предвидува, покрај основните учебници, голем број на таканаречени практикуми за вежби, односно за практична настава. Кај нас тие недостигаат и уште поважно, немаме опремени училишта и лаборатории за практичните вежби. А тоа е клучот за успешност на програмата. Таа навистина има за цел да поттикне креативно размислување кај децата, не се темели само на меморирање и им дава простор за реализирање на индивидуалните интереси”- вели универзитетскиот професор Грчева.
Дополнителен проблем како што вели се обуките на наставниците кои во развиените земји се чести низ еден континуиран процес. Таму според неа концептот на доживотно учење навистина функционира.
“Имав прилика да се запознаам со оваа програма кога живеев и работев во Холандија. Моите деца учеа во интернационални училишта на англиски јазик по токму оваа програма. Едниот беше во петто одделение, другиот прва година средно училиште. Работеа со таков ентузијазам и со таков мотив за учење, со леснотија, какви не ги гледав пред тоа кај нас, ниту потоа кога се вративме во Македонија. Но, да се воспостави еден ваков систем во кој децата и наставниците ќе бидат мотивирани и од кој ќе се извади максимумот во еден образовен процес, бара голема посветеност и стручност од сите фактори во процесот”-објаснува Грчева.
Според неа не треба лесно да осудува некој етаблиран систем, без да го познаваме, туку треба правилно да се имплементира во образовниот сектор. Погрешно е вели Грчева да се оспоруваат стандардите во образованието признаени од огромен број на Европски земји само затоа што не можеме или не знаеме како ефикасно да ги преструктурираме, прифатиме и од нив да извлечеме максимум.
“На пример се сеќавате дека со последните измени и дополнувања на Законот за високо образование, Владата се обиде на задна врата да го сруши и Болоњскиот процес со поигрување со годините на студирање и кредитите. Проблемот беше и сеуште е, што ние не го употребивме тој процес, туку го злоупотребивме уште пред да почнеме да го имплементираме правилно. Истото може да ни се случи и со Кембриџ програмата, ако не дадеме доволен контекст за нејзина примен”-објаснува Грчева.
Екстерно тестирање кое беше еден од најоспоруваните и најкритикувани обраозовни реформи на власта според професорката никако не одговара за проверката на знаењата и вештините кај учениците кои учат или ќе учат според Кембриџ програмата. Дизајнот на таквите проверки како што потенцира е сосема различен, но она што е уште поважно се целите и индикаторите за постигнување на тие цели за да се измери квалитетот на целокупниот образовен процес.
“Има екстерно тестирање во развиените земји, но не со вакви штетни последици по наставниците и учениците. Според тоа ако имаме нов стандард во учењето, ќе мора да се промени и начинот на екстерна проверка”-нагласува пратеничката.
Кембриџ програмата вели Грчева е еден од најдобрите стандарди во Европа и пошироко, а не како што некои велат дека е наменета за извоз во земјите од третиот свет, па затоа според неа не постои нешто што се нарекува “наше образование“ или “добро како за нас“. Оттука мора да се споделуваат европските стандарди во образованието.
“И до тука нема ништо спорно. Веќе доволно време одевме дивергентно од секој можен признаен стандард и потонавме во провинцијализам и самозадоволност. Однесувајќи се на тој начин, постигнувањата на нашите деца мерени да речеме, според PISA, TIMMS, се повеќе од лоши”-порачува Грчева.
Проблеми кои според неа ќе бидат предизвик со кој допрва ќе мора да се соочат сите чинители во образованието и за кои ќе бидат потребни системски и долгорочни решенија.
С.Б.
Слично
