ИНТЕРВЈУ КЕКЕНОВСКИ: Грција е во криза, но тврдиот став за името останува!
Мислам дека повлекувањето на оние политичари кои имаа ,,тврди” ставови по однос на името, нема ништо посебно да промени на овој план. После оваа втора голема победа на левицата се работи за неизбежна промена на внатрепартиските структури и заминување на веќе ,,истрошените” политичари од грчката политичката сцена. Инаку во многу наврати досега и самиот Ципрас покажа дека и тој не е далеку од истата позиција или оние ,,црвени линии” кои се зацртани од страна на претходниот премиер, но и за жал широко прифатени од најголемиот дел на грчката јавност, вели во интервју за Фактор професорот Јове Кекеновски.
ФАКТОР: Колку грчкото “охи“ на референдумот може да ја наруши политичката и економската унитарност на Европската Унија? Кредиторите како ММФ но и европското лидерство ја отвори вратата за идни и итни преговори, се прави ли обид по секоја цена да задржи Грција во ЕУ?
КЕКЕНОВСКИ: Секако дека грчкиот референдум беше досега најголемиот удар за политичката и економската стабилност на ЕУ од моментот на нејзинито основање до денес и затоа сега под итно се прават напори да се стабилизира кревката европска стабилност и единство, со продолжување на преговорите и оставање можност за нов договор со Грција, за да се спаси опасноста од колапс на европски систем.
Сега во борбата со времето (со минутите) премиерот Ципрас мора да даде сериозна понуда за разрешување на проблемот која ќе биде разгледана од страна на министрите за финансии на еврозоната се со цел брзо да се дефинира позицијата на Грција, а со тоа и позицијата на ЕУ. Во спротивност сите опции се отворени, а тоа не му одговара никому. Со референдумот Ципрас си ја засили својата преговарачка позиција во однос на ЕУ, но од друга страна ова е и една убава лекција на водечките држави на ЕУ дека неограничено дадената доверба, пријателство и помош на одредени држави лесно се злупотребува, а неисполнетите ветувања за реформи и слабата анализа и неконзистентно следење на реформскиот процес може лесно да го доведе во прашање интегритетот на еврозоната и опстанокот на целата унија.
ФАКТОР: Во должничка позиција се и Хрватска, Италија, Португалија и други земји кои соочени со длабоки проблеми, прифатија реформи. Каква порака се праќа до овие земји, можни ли се реакции и од нивна страна?
Кекеновски: Пораката е повеќенасочна. Од една страна после ова мора нешто длабоко и сериозно да се менува во ЕУ и кај кредиторите, од друга страна сега сите видоа како популистичките лидери лесно можат да ја моделираат вољата на граѓаните во посакувана насока и до каде може да оди сопственото его, политичкиот инает и непринципиелното однесување на политичките лидери. Од трета страна со одржувањето на грчкиот референдум се остава простор и за нови идни вакви и слични недоразбирања па дури и порадикално однесување на другите задолжени земји членки на ЕУ. Ако можеше Грција да не се согласува со принудните мерки на штедење, ако таа поинаку ја сваќа реализацијата на принципот на солидарност и помош, ако не се почитуваат претходно договорените обврски, ако видиме дека лесно и без последици и одговорност некој можел да ги троши парите на останатите европски даночни обврзиници, зошто во иднина да неможат и други држави членки на унијата да направат дури и порадикални чекори.
ФАКТОР: Референдумот во Грција имаше и политичка цена, освен оставката на министерот за финасии, од политичката сцена се повлече и опозиционерот Самарас, кој пак е атрибут за проблемите околу спорот со името. Дали, колку и како финансиската криза, банкротот и реформите во Грција можат да бидат шанса за политички исчекор на Македонија во спорот околу името?
Кекеновски: Не сум некој голем оптимист по однос на ова прашање, иако лично би сакал да бидам. Мислам дека повлекувањето на оние политичари кои имаа ,,тврди” ставови по однос на името, нема ништо посебно да промени на овој план. После оваа втора голема победа на левицата се работи за неизбежна промена на внатрепартиските структури и заминување на веќе ,,истрошените” политичари од грчката политичката сцена. Инаку во многу наврати досега и самиот Ципрас покажа дека и тој не е далеку од истата позиција или оние ,,црвени линии” кои се зацртани од страна на претходниот премиер, но и за жал широко прифатени од најголемиот дел на грчката јавност.
ФАКТОР: Кој е начинот, односно дали има капацитет, Македонија, сега заглавена во сопствена политичка криза, да поведе иницијатива или пак да направи политички потег за актуелизирање на проблемот со иметото?
Кекеновски:Иако во јавноста проструи информацијата дека на маса е ставен и предлог за решавање на името, јас сум сигурен дека сегашнава гарнитура на политичка елита нема капацитет и знаење како да го реши спорот со името, а уште помалку да покаже иницијатива и храброст да го актуелизира проблемот. И Заев и Груевски се заглавени во сопствените проблеми од кои тешко дека ќе можат да испливаат, така да секое впуштање во една нова авантура ќе значи само нивна дополнителна девалвација. Меѓутоа не би ме чудело со оглед на ситуацијата во која се наоѓаат и во обидот секој со сопствен есап да си ја спаси сопствената кожа и двајцата, под притисок на меѓународната заедница, дури и да договорат промена на името додека траат преговорите за излез од политичката и државната криза во која се наоѓаме подолго време.
Слично
