Кекеновски: Договор Груевски и Заев не е исклучено сценарио
После овие отстапки што ги направи Владата изминатите денови под притисок, можно е да се направи и уште една крупна отстапка или договор со Заев во смисла да не се оди докрај со откривањето на доказите. Во така една ситуација ќе треба да се заборават сите оние тешки обвинувања од минатата сабота на сметка на лидерот на СДСМ, па можно е нешто малку да ,,пукне” ама на крај пак сите да бидат задоволни и да се договорат за она што претходно неможеле да го договорат, анализира за Фактор, Јово Кекеновски, политички аналитичар.
Ова што се случуваше и што се случува во пресрет на објавување на ,,бомбите”најнапред повлекување на дел од измените и дополните на Законот за Високото образование, па договорот со СОНК, и сега на законите кои го третирааат оданочувањето на хонорарите, укажува на неколку работи:
Прво, дека во оваа наша држава немаме реал политика туку дневна политика насочена кон задоволување на одредени интереси и задоволување на личната суета и каприци.
Второ, на дело го видовме нивото на здраворазумноста односно клиентелизмот на народните избраните кои беспоговорно и без тронка совест изгласуваат и прегласуваат се што ќе им се сервира.
Трето, можеби конечно Владата и премиерот сфатија дека со сите овие дејствија длабоко ги загрозија интересите на широка група на граѓани и сето тоа може негативно да се одрази на поддршката која ја имаа досега и се уплашија од бумеранг ефектот.
Четврто, сето ова не кореспондира со оној цврст и непопустлив став кој го имаше досега премиерот Груевски, така да ова повлекување можеби е тактички маневар пред конечното пукање на бомбите на Заев, за да се спаси што може да се спаси онаму каде се избрзаа работите и каде што се направи штета која предизвика огромно незадоволство. Ова од апсект за да не се лутат и непотребно и да се губи поддршката кај своите членови и симпатизери и неопределените, но и да се покаже ,,милост”, ,,ширина” па дури и ,,задоцнет разум” кон граѓаните во пресрет на можеби бруталната пресметка со својот најголем конкурент и непријател во моментов.
Петто, според мене можеби небулозна претпоставка која е просто неверојатна од причина што работата е отидена предалеку (но сепак не би ме изненадило ништо). Можно е после овие отстапки да имаме и уште една крупна отстапка или договор со Заев во смисла да не се оди докрај со откривањето на доказите. Во така една ситуација ќе треба да се заборават сите оние тешки обвинувања од минатата сабота на сметка на лидерот на СДСМ, па можно е нешто малку да ,,пукне” ама на крај пак сите да бидат задоволни и да се договорат за она што претходно неможеле да го договорат.
И, на крајот, во тој случај повторно губитници ќе бидат граѓаните, и тоа најмногу оние кои не размислуваа со своја глава и се однесувааа сервилно и понизно.
Р.Ф.
Слично
