Ќе се зајакне безбедноста на границите – Македонија со поддршка за турската Влада
По обидот за воен удар во Турција, владината група за процена од Управувачкиот комитет, одлучи дека засега безбедноста на Македонија е стабилна, но ќе се засили безбедноста на границите.
„На седницата беше разгледана и состојбата во врска со мигрантите, за што беше избрифиран и раководителот на Управувачкиот комитет за координација и управување со кризи. Беше оценето во наредниот период да се зајакне граничното обезбедување и контрола со дополнителни воени и полициски сили, со цел спречување на илегална миграција и криумчарење со мигранти“ - се вели во соопштението.
Република Македонија ја поддржува демократски избраната Влада на Република Турција, информираа денеска од кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов.
Од кабинетот на Иванов додаваат дека Турција како земја членка на НАТО e голем пријател и стратешки партнер на Република Македонија Претседателот Иванов го поддржува нормализирањето на состојбите во Турцијa и повикува на почитување на демократските институции и избегнување на секаков вид насилство и крвопролевање.
Иванов вели дека е потребна разумност и смиреност и дека политичките цели треба да се постигнуваат единствено со дијалог и во согласност со волјата на граѓаните на избори.
